Деца на протест за хигиена добија клоци наместо поддршка – училиштето тоне во нечистотија
Со скандирања „Сакаме хигиена, сакаме хигиена“, учениците од основното училиште „Панајот Гиновски“ во Бутел излегоа во училишниот двор да го изразат својот револт од ужасните хигиенски услови и појавата на глувци во училиштето. Но наместо поддршка – добија клоци.
Според сведоштва на ученици и родители, вработена во училиштето физички нападнала малолетни ученици, удирајќи ги со клоци за да ги отстрани од протестот. Сцената се одиграла пред очите на останатите ученици и присутни родители, кои се длабоко вознемирени од ваквото однесување на лице што треба да се грижи за децата.
И покрај сериозноста на инцидентот, до овој момент нема никаква информација дали вработената ќе биде санкционирана или суспендирана. Родителите бараат итна реакција од надлежните институции и отворено прашуваат: Ќе има ли одговорност за физички напад врз дете?
Огорчени од целокупната состојба, родителите веќе четири дена не ги пуштаат своите деца на настава. „Нема никакви услови за учење. Смрди низ ходниците, корпите не се празнат, има глувци, а тоалетите се скршени и неисчистени,“ изјави ученик кој присуствувал на протестот.
Извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат од 7 април потврдува: хигиената во училиштето е на незадоволително ниво, ѕидовите и подовите се валкани, корпите за отпад се преполни, а санитарните јазли – руинирани.
Иако вчера била извршена дезинфекција и дератизација, родителите се сомневаат во ефективноста и безбедноста на постапките. „Има деца кои завршија во болница поради состојбата во училиштето – не смееме да ризикуваме со нивното здравје,“ велат тие.
Дополнителен скандал претставува однесувањето на директорката Благородна Сотиров, која не излезе пред родителите, одбива да даде изјава за медиумите, а училиштето е заклучено и затворено за јавноста.
Родителите сведочат и за притисоци – и од управата на училиштето и од Општина Бутел – да ги вратат децата на настава, иако условите се далеку од безбедни. Директорката, според нив, се заканувала дека отсуствата ќе бидат заведени како неоправдани.
„Наместо решенија, добивме молк, закани и – физичко насилство. Но нема да застанеме. Ќе продолжиме со протестите сè додека ова училиште не стане безбедно место за нашите деца,“ решително порачуваат родителите.