11 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Нема веќе „пуш-пауза“ во училишните дворови, спортските обложувалници и заедничките простории во зградите, а чадот ќе исчезне и од кафулињата, рестораните и баровите. Со новиот Нацрт-закон за заштита од пушење, државата најавува најсеопфатна забрана за пушење досега, со цел поголема заштита на јавното здравје, особено на децата.
Нацрт-законот, кој е објавен на електронскиот регистар ЕНЕР и е отворен за јавна дебата, предвидува целосна забрана за пушење во низа јавни и затворени простори каде досега забраната или не постоеше или не се спроведуваше доследно.
Доколку законот биде усвоен, пушењето ќе биде строго забрането во 16 категории простори. Меѓу нив се сите здравствени и социјални установи, воспитно-образовни институции, културни, рекреативни и спортски објекти, како и просторот пред нивните влезови.
Забраната ќе важи и во објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти, во сите државни институции и органи на локалната самоуправа, како и на сите работни места – без разлика дали се во јавниот или приватниот сектор.
Новите правила ги опфаќаат сите видови јавен превоз – патен, железнички, воздушен и воден. Пушењето нема да биде дозволено ниту во аеродроми, железнички и автобуски станици, пристаништа, како и на станиците на градски и приградски превоз. Забрана е предвидена и за жичари и ски-лифтови.
Посебно е нагласена забраната за пушење во приватно возило доколку во него има дете, мерка која има за цел да го намали изложувањето на најмладите на штетниот тутунски чад.
Цигара нема да смее да се запали ниту во угостителските објекти – од хотели и апартмани, до ресторани, барови, меани и кантини. Забраната се проширува и на трговските објекти, пазарите и саемите, како и на објектите на приредувачите на игри на среќа.
Пушењето ќе биде недозволено и во заедничките простории на станбените згради, како лифтови, светларници и котларници, како и во полициски станици, затвори и воспитно-поправни установи, вклучително и келиите за доживотна казна.
Законот не се однесува само на класичните цигари, туку и на сите уреди за консумирање тутун и никотин – електронски цигари, вајпери, уреди за загревање тутун и слично. Исклучок се само регистрираните медицински помагала.
За непочитување на одредбите се предвидени строги санкции. Малите правни лица ќе плаќаат казни од 2.000 до 3.000 евра, средните од 3.000 до 4.000, а големите од 4.000 до 5.000 евра. Одговорното лице во правното лице ќе се казнува со 1.500 до 2.000 евра.
Граѓаните затекнати како пушат на забрането место ќе добијат казна од 100 евра на лице место, а доколку не ја прифатат – од 150 до 300 евра. Казната може да се замени со најмалку 24 часа општо-корисна работа.
Нацрт-законот е усогласен со регулативите на Европската Унија и предвидува целосна забрана за спонзорирање, донации и промотивни активности од тутунската индустрија. Забранети се и практиките на бесплатни подароци и продажба на цигари на парче.
Новина е и „криењето“ на цигарите – тутунските производи ќе мора да се чуваат во затворени шкафови, без визуелно изложување на продажните места.
Дополнително, се ограничува и прикажувањето на пушење во филмови, телевизиски и дигитални содржини, освен кога станува збор за уметнички дела наменети за возрасна публика.
Како главна цел на законот се наведува заштитата на граѓаните од штетните ефекти на активното и пасивното пушење. Според официјалните податоци, дури 45 проценти од возрасното население во Македонија пуши, а пушењето е поврзано со повеќе од една третина од случаите на рак на белите дробови и со значителен дел од кардиоваскуларните заболувања.
Министерството за здравство предупредува дека трошоците поврзани со пушењето надминуваат 5 проценти од бруто-домашниот производ, што претставува сериозен товар за здравствениот систем и државниот буџет.
Левица: Пратениците повторно испумпале 14,4 милиони денари за патни трошоци
14,4 милиони денари за патување: Пратениците се возат на грбот на граѓаните
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

