Бугарската вицепрезидентка: Бугарите во Уставот и историската вистина се дел од европските стандарди
Бугарија не поставува дополнителни услови за европскиот пат на Северна Македонија – ова јасно го порача бугарската вицепретседателка Илијана Јотова на форумот „ЕУ ги среќава Балканите“, кој се одржа во Софија.
Форумот беше организиран од Европскиот либерален форум, партијата АЛДЕ и Атлантскиот клуб на Бугарија, а на него учествуваа високи претставници од Европската унија, вклучително и комесарката за проширување Марта Кос, како и владини претставници од земјите од регионот – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Турција и Романија.
Јотова подвлече дека Бугарија не е пречка за отпочнување на преговорите на Скопје со Европската унија, иако често се создава впечаток дека билатералните прашања го кочат процесот.
„Тоа е наратив што доаѓа и од колегите во Северна Македонија, но и од одредени европски политичари и експерти. Вистината е дека Бугарија само бара да се почитуваат европските вредности и стандарди – исто како што тоа го направија сите земји кои веќе станаа членки на ЕУ, често носејќи тешки, но неопходни одлуки“, истакна Јотова.
Изјавата доаѓа во клучен момент за регионот, кога повторно се отвора прашањето за забрзување на процесот на проширување на Европската унија со земјите од Западен Балкан.