македонија02 декември 2023 Бочварски: До крај на годината јавен повик за изградба на третата фаза од пругата на Коридор 8
До крај на годината очекувам да го распишеме јавниот повик за изградба на третата фаза на пругата на Коридор 8, односно од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир. Исто така очекувам многу брзо пратениците да ги изгласаат законите за заем од меѓународните финансиски институции и со тоа да ја заокружиме финансиската конструкција за изградба и на последниот дел од пругата. Секако за оваа фаза имаме обезбедено и грант средства, истакна министерот Благој Бочварски кој заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорот на ЖРСМ Инфраструктура Зоран Трифуновски, извршија увид на изградба на пругата од Куманово до Бељаковце.
Делницата од Куманово до Бељаковце е во должина од 31 километар, инвестиција е во вредност од 40 милиони евра. Втората фаза, од Бељаковце до Крива Паланка е во вредност од 155 милиони евра за изградба на 34 километри нова пруга. Изградбата, потенцира министерот Бочварски, се одвива со силна динамика.
Изградбата на железничка пруга од Куманово до ГП Деве Баир е инвестиција од преку 700 милиони евра.
Министерот потенцира дека во Собранието се изгласа и Законот за либерализација во железничкиот сообраќај, процес со кој се очекува да влезат нови оператори кои ќе возат по домашните пруги како услов за зголемување на конкуренцијата во товарниот сообраќај.