27 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Денес, во периодот од 15:00 до 23:00 часот, пред фабриката „Титан Усје“ ќе се одржи БЛОКАДАфест – музички протест со јасна порака дека правото на чист воздух е уставно загарантирано и не смее да биде предмет на преговарање. Настанот обединува граѓани, активисти и уметници во заедничка борба против загадувањето и за поздрава животна средина.
Под мотото дека отпорот може да биде гласен, солидарен и креативен, на фестивалот волонтерски ќе настапат бројни музичари и диџеи: DJ Александар Јорданов, DJ Chvare, DJ Andrew Meller, Новиот Почеток, Хајка, Луфтханза, Животни, Големата Вода, DJ Базел, DJ Emily Nas, Дина Јашари, Член 16, Зарина Првасевда и Корка. Со својот ангажман тие испраќаат порака дека уметноста може да биде силен сојузник во општествените и еколошките борби.
Организаторите истакнуваат дека поддршката од артистите и присуството на граѓаните е доказ дека не станува збор за изолиран протест, туку за пошироко граѓанско движење. Според нив, додека фабриката продолжува да загадува, јавноста ќе продолжи симболично да го „блокира загадувањето“, барајќи од институциите конкретни и ефикасни мерки за намалување на штетните емисии.
Минатата недела, како увертира за денешниот настан, беше организиран диџеј сет на една од најпрометните скопски раскрсници, каде што минувачите спонтано се придружија и танцуваа, покажувајќи дека граѓанската енергија може да се претвори во креативен отпор.
Настаните ги организира иницијативата „Стоп за Усје“, која и претходно спроведуваше активности поврзани со еколошки и граѓански прашања, со цел обезбедување почист воздух во главниот град. Со БЛОКАДАфест, тие повторно потсетуваат дека борбата за здрава животна средина е заедничка одговорност и право на секој граѓанин.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

