Битола домаќин на квалификации за СП – влезниците за помош на Кочани
Битола повторно се најде на ракометната мапа како домаќин на голем меѓународен спортски настан. Во сабота, на 12 април 2025 година, со почеток во 19:00 часот, во Спортската сала „Боро Чурлевски“, сениорската женска ракометна репрезентација на Македонија ќе го одигра квалификацискиот бараж натпревар против селекцијата на Полска. Натпреварот е дел од Втората фаза на европските квалификации за Светското првенство во ракомет за жени (Women’s World Championship 2025 - Qualification Europe Phase 2).
Особено внимание привлекува хуманата димензија на овој спортски настан – влезниците за натпреварот се симболични 100 денари, а сите собрани средства ќе бидат донирани за настраданите во Кочани. Ова е можност љубителите на ракометот не само да уживаат во натпревар од светски ранг, туку и да дадат свој придонес за оние на кои им е најпотребна поддршка.
Битолчани и сите посетители уште еднаш ќе имаат прилика да бидат дел од спортски спектакл, но и да ја покажат својата хуманост на дело. Очекувањата се салата да биде исполнета до последно место, во знак на поддршка за македонската репрезентација и за благородната цел што стои зад оваа спортска манифестација.