22 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Пратеникот од СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи, остро реагира на најавените мерки на Владата за справување со ценовниот удар предизвикан од воениот конфликт на Блискиот Исток, оценувајќи дека реакцијата е задоцнета и недоволна.
Според Битиќи, состојбата веќе подолг период има карактеристики на криза, а институциите не реагирале навремено. Тој посочува дека конфликтот трае веќе неколку недели, додека мерките се најавуваат со дополнително задоцнување.
„Ова не може да се нарече поинаку освен кризна состојба. Конфликтот започна пред три недели, а мерките ќе стапат на сила дури по неколку дена. Тоа е како да не го исчистите ѓубрето пред празници, па да го чистите потоа“, изјави Битиќи.
Тој предупредува дека доколку Владата се фокусира само на една мерка, тоа би било несоодветен пристап кон проблемот. Наместо тоа, според него, потребен е сеопфатен пакет кој реално ќе им помогне на граѓаните, дури и по цена на кратење на непродуктивните буџетски расходи.
Во однос на најавеното намалување на ДДВ за горивата од 18 на 5 проценти, Битиќи смета дека ефектот ќе биде ограничен. Според неговите пресметки, граѓаните би заштедиле околу седум денари по литар, што, како што вели, не е доволно во услови на растечки цени.
Тој потсетува дека во земјите од регионот веќе се применуваат дополнителни мерки како намалување на акцизите и замрзнување на цените на горивата. Дополнително, Битиќи нагласува дека со пофлексибилен систем за формирање на цените, каков што претходно постоел, би се избегнале наглите ценовни осцилации.
Во контекст на споредбите што ги прави Владата за цените на горивата со соседните земји, Битиќи упати јасна порака:
„Ако се сметаме за трета економија во Европа, тогаш не треба да се споредуваме со последните економии на континентот, туку со земји како Германија.“
Пратеникот алармира и за состојбата на Буџетот, посочувајќи дека приходите се пониски од очекуваното, додека расходите веќе го достигнуваат планираното ниво.
„Бројките покажуваат дека приходите се помали за 6,7 проценти. Во услови на намалена ликвидност, како граѓанин сум загрижен што нè очекува во 2026 година“, истакна Битиќи.
Тој додаде дека опозицијата е подготвена да понуди решенија кои ќе бидат во интерес на граѓаните, повикувајќи на поширок политички консензус за надминување на економските предизвици.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

