25 март 2026
• од Гоце Кически
Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, предупредува дека намалувањето на данокот на додадена вредност (ДДВ) за горивата не претставува суштинско решение за енергетската и економската криза со која се соочува државата, туку краткорочна и ограничена интервенција. Во интервју за „Независен“, Битиќи оцени дека ваквата мерка има симболичен ефект, но не ги адресира корените на проблемот.
„Само со намалување на ДДВ не се решава енергетски проблем. Тоа е само лепење на фластер на раната, а не терапија на процесите кои водат до проблемот“, истакна тој.
Според него, доцнењето со соодветни политики дополнително ја влошува состојбата и директно се одразува врз животниот стандард на граѓаните. Битиќи предупредува дека во услови на криза, секое одложување на мерките има своја цена.
„Кога чекате три недели во вакви услови, вие не стоите во место, вие се движите наназад, дозволувате кризата да се прелее. Моменталната позиција на Владата дозволува непречено функционирање на механизам преку кој привремениот шок преминува врз траен удар врз цените. И затоа велам дека задоцнета мерка не е неутрална мерка – таа има цена која денес ја плаќа граѓанинот, а утре ќе ја плати и економијата“, нагласи Битиќи.
Тој посочи дека кризата не е ограничена само на цените на горивата, туку има многу поширок карактер. Станува збор за комплексен геополитички и економски шок што влијае врз снабдувањето со енергенси, а последиците се прелеваат и во други сектори.
„Ова не е само ценовен шок на бензинските пумпи. Ова е геополитички удар врз снабдувањето со енергенси, кој има реален ризик да предизвика бран поскапувања преку транспортот, храната, логистиката и услугите“, рече тој.
Битиќи оцени дека пристапот на Владата е недоволен и дека едноставните даночни корекции не можат да одговорат на комплексноста на кризата.
„Кога една влада мисли дека со една даночна корекција го решила проблемот, таа или не ја разбира кризата или се обидува да ја смири јавноста со половична мерка“, додаде тој.
Воедно, тој потсети на предлог-пакетот на СДСМ, кој според него нуди поширок и посеопфатен одговор за ублажување на кризата и заштита на граѓанскиот стандард.
Пакетот вклучува намалување на ДДВ за горивата од 18% на 5%, намалување на акцизата за четири денари по литар, укинување на ДДВ за основните прехранбени производи и преполовување на патарините.
„Тоа е поширок и посериозен одговор од владината мерка, затоа што го гледа кризниот удар како синџир, а не како изолиран проблем на бензинските пумпи“, заклучи Битиќи.
Бугарија влегува во елитата на европскиот мотоспорт со нова тест-писта за Формула 1
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

