20 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Северна Македонија направи значаен чекор кон подобрување на дигиталната поврзаност, откако бесплатен јавен Wi-Fi беше воведен во 64 општини низ земјата преку иницијативата Wifi4WB. Ова го соопшти Бен Нупнау, заменик-шеф на мисија и раководител на Политичкиот и информативниот сектор при Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, преку објава на социјалните мрежи.
„#ТимЕвропа во акција: Бесплатен јавен Wi-Fi е воведен во 64 општини низ Северна Македонија преку иницијативата Wifi4WB, кофинансирана од ЕУ и Германија. Сигурната поврзаност за плоштади, библиотеки и јавни простори помага да се премости дигиталниот јаз и ги поддржува локалните заедници“, напиша Нупнау.
Иницијативата Wifi4WB е дел од поширокиот проект EU4DIGITAL, кофинансиран од Европската Унија и германската влада, а спроведуван од Германското друштво за меѓународна соработка. Целта е обезбедување бесплатни јавни Wi-Fi точки во општините низ Западен Балкан.
Според планот, Wifi4WB треба да опфати до 500 општини во регионот. Проектот се надоврзува на успешната програма Wifi4EU, преку која беа инвестирани 130 милиони евра за воспоставување јавни Wi-Fi мрежи во речиси 9.000 општини во Европската Унија.
Во Северна Македонија, пристапните точки се поставуваат на фреквентни јавни локации како плоштади, паркови, библиотеки, музеи и училишта. Со тоа, жителите и посетителите добиваат бесплатен и сигурен интернет пристап.
Од ЕУ оценуваат дека иницијативата претставува важен чекор кон намалување на дигиталниот јаз, овозможувајќи им на граѓаните полесно да комуницираат, учат и работат онлајн. Воедно, мерката е дел од пошироката стратегија за забрзување на дигиталната транзиција во регионот и негово постепено интегрирање во Единствениот дигитален пазар на ЕУ.
СДСМ: Сиљановска бара поголем владин авион додека платите остануваат ниски
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

