01 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Љупчо Пецов, во јавноста познат како Ѓаволот, и покрај тоа што официјално се води како бегалец со меѓународна потерница, слободно се движи низ Македонија. Случајот добива дополнителна тежина бидејќи Пецов е осомничен во предметот „Синџир“, а поради неговото бегство, постапката против него претходно беше прекината.
Според извори на „Слободен печат“, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција неофицијално потврдило дека Пецов е присутен во земјава. Тоа било откриено откако неговиот адвокат, Фехми Стафа, минатата недела доставил барање до Кривичниот суд за замена на мерката притвор со куќен притвор. Иако барањето било поднесено во наводно негово отсуство, приложена била и гаранција, како и документација од официјални државни институции.
Кривичниот суд побарал мислење од Обвинителството за поднесениот предлог. При прегледот на документацијата, Обвинителството дошло до сознание дека Пецов се наоѓа во Македонија. Покрај тоа, како доказ за неговото присуство, Обвинителството обезбедило и видео-снимка на која се гледа Ѓаволот.
Ситуацијата отвора низа прашања за ефикасноста на системот, особено во делот на соработката меѓу институциите и следењето на лицата со распишани потерници. Како е можно осомничен за организиран криминал, кој формално се бара преку Интерпол, да се движи слободно, па дури и да посетува болници во главниот град, останува нејасно.
Министерството за внатрешни работи сè уште официјално го бара Пецов преку меѓународни канали, но очигледно е дека реалноста на теренот значително отстапува од формалната процедура.
Овој случај уште еднаш ја отвора темата за потребата од сериозни реформи во спроведувањето на правдата и одговорност кај институциите надлежни за контрола и апсење на криминалци.