АУТОПСИЈА ПОКАЖА: Ведат Адеми не починал од алергија на аналгин
На 32-годишниот Ведат Адеми од Куманово не му пресудила алергија на аналгин, туку некроза на срцевиот мускул – ова го потврдува официјалниот извештај од Институтот за судска медицина во Скопје, до кој ексклузивно дојде емисијата Inside21 на ТВ21.
Семејството на Адеми претходно тврдеше дека тој починал веднаш по примањето инфузија во која, како дел од терапијата против болки, била додадена ампула аналгин. Инцидентот се случил на 17 март во болницата во Куманово, кога состојбата на пациентот нагло се влошила. Во здравствената книшка на Ведат, јасно било наведено предупредување – „CAVE ANALGIN“, што укажува на забрана за примена на овој лек поради алергија.
Сепак, според обдукцискиот наод, не се пронајдени траги или докази дека аналгинот бил причина за смртта. Извори блиски до случајот за ТВ21 велат дека ќе се побараат дополнителни, поспецифични резултати за утврдување на присуството и евентуалното влијание на аналгинот во телото на Адеми на денот на неговата смрт.
Случајот доби голема јавна реакција, особено откако таткото на починатиот изјави дека медицинскиот тим – докторот Зоран Ѓеорѓиевски и медицинската сестра – не ја провериле здравствената книшка пред аплицирањето на терапијата.
Веднаш по трагичниот настан, директорот на болницата во Куманово беше разрешен од должност, а Основното обвинителство Куманово отвори истрага поради сомневање за лекарска грешка. Ова го потврди и извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Истрагата продолжува, а јавноста очекува целосна одговорност и расветлување на околностите под кои животот на млад човек згасна ненадејно.