Апасиев во Русија претставен како пратеник од Северна Македонија
Додека дома глуми непомирлив борец против промената на уставното име, лидерот на Левица, Димитар Апасиев, во Москва без збор прифати јавно да биде наречен „депутат парламента Северной Македонии“. Без отпор. Без реакција. Сцената што се одигра во главниот град на Русија фрла ново светло врз политичарот кој со години се претставуваше како жесток противник на Преспанскиот договор.
Апасиев, кој во Македонија настапуваше како симбол на отпорот кон промената на името и кој не пропушташе прилика да ја нарече државата „Македонија“, пред камерите во Москва се согласи на титулата „депутат на Северна Македонија“. За многумина, ова е моментот кога паѓа театарот на лажен патриотизам.
Прашањето кое се поставува е: дали за една фотографија со црвено знаме и симболите на српот и чеканот вредеше да се премолчи идентитетската девалвација? Апасиев, кој дома често ги напаѓаше и навредуваше сите кои ја користат „Северна“, во Москва молчешкум ја прифати токму таа формулација.
Посетата на Москва, претставена како чин на антифашистичка солидарност, всушност го разоткри апсурдот на една политика која дома се храни од симболи и реторика, а на меѓународна сцена без отпор ги прифаќа реалностите што претходно жестоко ги оспоруваше. Овој потег на лидерот на Левица отвора прашања за искреноста на неговиот патриотизам и за цената на симболичниот капитал кој го собира дома, но го троши во тишина кога ќе премине граници.