27 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Пратеникот Димитар Апасиев утрово преку социјалните мрежи објави дека надоместоците за породилно отсуство за месец февруари не биле исплатени.
„ПОРОДИЛНО за мајките нема исплатено цел февруари! Дали сме банкрот, дали се неспособни, дали и двете? – тоа да си ја прашате министерката.
Иначе, ПОРОДИЛНО НЕМА. А вие слободно раѓајте бебиња“, напиша Апасиев.
Сличен проблем беше регистриран и во ноември минатата година, кога повеќе од 6.000 жени не го добиле надоместокот за породилно отсуство. Тогаш од надлежниот Фонд за здравствено осигурување на Република Македонија појаснија дека исплатата на породилните надоместоци не е еднократна, туку континуирана постапка што трае во текот на месецот.
Според нивното објаснување, пресметките ги изготвуваат подрачните служби врз основа на податоците што ги доставуваат работодавачите. Најголемиот дел од исплатите се реализираат во периодот од 10-ти до 20-ти во месецот, додека одреден број исплати се вршат и до крајот на месецот.
За октомври 2025 година биле обработени 6.268 предмети за породилно отсуство во вкупен износ од 340 милиони денари. За споредба, во септември 2025 година биле обработени 7.319 предмети, со вкупна исплата од 384 милиони денари. Од Фондот тогаш посочија дека дел од пресметките за октомври сè уште биле во фаза на обработка и исплата.
Согласно Законот за работни односи, работник кој користи отсуство поради бременост, раѓање и родителство, како и отсуство за нега и заштита на дете, има право на надоместок на плата.
Средствата за породилно отсуство се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија. Според Законот за здравствено осигурување, основицата за пресметка на надоместокот е просечниот месечен износ на исплатената плата во последните 12 месеци, за која е платен придонес за задолжително здравствено осигурување.
Висината на надоместокот за време на отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство изнесува 100% од основицата и се исплатува од првиот ден на привремената спреченост за работа, од средствата на државниот Буџет.
Останува отворено прашањето дали тековното доцнење е резултат на административни процедури или станува збор за посериозен финансиски проблем, на што јавноста очекува официјален одговор од надлежните институции.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

