29 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, остро реагираше на расправата за Предлог-законот за Судски совет, потенцирајќи дека е недозволиво судиите да уживаат фактичка неодговорност, додека други професии, како лекарската, сносат последици за професионални грешки.
„Не може лекар да одговара за лекарска грешка, а судија да не одговара за незаконска примена на правото или за изворите на правото. Ако треба, и Уставот треба да го смениме“, изјави Апасиев од собраниската говорница, нагласувајќи дека овие прашања ретко се отвораат како суштински проблем во правосудниот систем.
Апасиев го проблематизираше и трајниот мандат на судиите, оценувајќи дека тој придонесува за недостиг на одговорност и квалитет во судството. Според него, потребно е враќање на првичниот југословенски модел, кој предвидувал мандат од девет години.
„Девет години и фајронт. Понатаму можеш само нагоре – во Апелација или во Врховен суд. Ако не те бива, биди адвокат, нотар или што сакаш“, порача Апасиев.
Тој посочи дека постапката за разрешување судија е „ѓаволски тешка“, за разлика од процесот на именување, кој, како што рече, е премногу лесен и нетранспарентен. Дополнителен проблем, според него, е недостигот на јавни информации за судиите.
„Немаме ниту CV на судиите, не знаеме што бираме. На веб-страница на судија нема ниту слика, ниту биографија, а тој може да ви изрече доживотна казна затвор“, истакна Апасиев.
И покрај критиките, Собранието со 73 гласа „за“ и еден „воздржан“ ги усвои измените на Законот за Судски совет. Целта на законските измени е враќање на довербата во судството преку надминување на системските слабости и воведување повисоки стандарди за транспарентност и отчетност.
Меѓу клучните новини е воведувањето јавност во постапката за разрешување на претседателот на Судскиот совет, со што се прекинуваат досегашните контроверзни практики. Законот, исто така, ги прецизира критериумите за избор на „истакнат правник“ и предвидува задолжителна јавна расправа при изборот на членови на Советот кои не се од редот на судиите.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

