01 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Во анкета на Трн.мк, спроведена пред 2 август, младите беа запрашани:
„Дали знаете кој победи на Крушевското востание во 1903 година?“
Резултатите се загрижувачки:
„Не знам...“
„Мислам... партизаните?“
„Најверојатно Никола Карев.“
„Победија нашите.“
„Траеше десет дена и толку.“
Одговори што откриваат едно: младите ја немаат историската свест што треба да ја имаат. Не станува збор за незнаење на детали, туку за целосно отсуство на основно разбирање за најважните настани од македонската историја.
Во време кога државата се брани од историски фалсификати, кога во ЕУ се потпишуваат договори, бришат пасуси од учебници, се формираат комисии, се спорат хероите и народот — младите не знаат ниту што се случило во 1903 година, ниту кој со кого се борел.
Ако не знаеш кој ти ја создал државата, нема ни да знаеш како да ја одбраниш.
Се бориме против бугаризација, додека внатре во државата – образованието тоне, наставниците се демотивирани, учебниците конфузни, а младите – рамнодушни. Бараме од Брисел да ни го признае идентитетот, а дома не знаеме кој е Никола Карев.
Ова не е само криза. Ова е пораз.