01 април 2026
• од Станча Јаќимовски
Европратеникот Андреј Ковачев од редовите на Европската народна партија (ЕНП/ГЕРБ) упати остри пораки во однос на напредокот на Република Северна Македонија кон Европската унија, нагласувајќи дека земјата значително заостанува зад соседните држави како Албанија и Црна Гора.
Во гостување во студиото „Таралеж“, Ковачев зборуваше за повеќе актуелни теми – од евроинтеграцијата на Северна Македонија до геополитичките тензии на Блискиот Исток.
Ковачев истакна дека глобалната желба за мир е разбирлива, но предупреди дека ситуацијата останува комплексна и непредвидлива. Според него, клучен фактор за стабилност е улогата на Иран.
Тој смета дека меѓународната заедница мора да обезбеди Иран да не претставува ниту нуклеарна ниту конвенционална закана за регионот и светот. Воедно, ја критикуваше недостигот на јасна стратегија кај големите геополитички актери.
Во однос на засилената улога на Кина како потенцијален посредник, Ковачев изрази умерен оптимизам, нагласувајќи дека сите страни се веќе заморени од конфликти, нестабилност и економски последици.
Говорејќи за европската перспектива на земјата, Ковачев беше дециден дека во Европскиот парламент постои консензус околу условите за членство. Според него, секоја кандидатка мора строго да ги почитува преземените обврски.
Во случајот со Северна Македонија, тоа подразбира вклучување на бугарската заедница во Уставот. Ковачев оцени дека политиките на владата предводена од Христијан Мицкоски нема да доведат до промена на европската преговарачка рамка.
„Наместо да спроведуваат реформи и да работат на брза интеграција, тие катастрофално заостануваат зад Албанија и Црна Гора“, изјави Ковачев.
Тој додаде дека обидите да се поставуваат нови услови кон Бугарија, како признавање на македонско малцинство во Бугарија, се неспоиви со бугарскиот устав и европските принципи за индивидуални права.
Ковачев упати директен повик до властите во Скопје да престанат со одложувања и да започнат со реални реформи, со цел да не се губи драгоцено време на граѓаните.
Во делот за Србија, Ковачев предупреди дека постои реална можност Белград да се соочи со суспензија на европските средства. Тој беше критичен кон политиките на Александар Вучиќ, оценувајќи дека долго време се создава впечаток за реформи кои во пракса не се спроведуваат.
Дополнително, Ковачев посочи на проблеми со правата на бугарското малцинство во региони како Босилеград и Цариброд, што според него претставува сериозен предизвик за европската перспектива на Србија.
Изјавите на Ковачев ја отсликуваат засилената загриженост во европските институции за стагнацијата на Северна Македонија на патот кон ЕУ. Пораката е јасна – без исполнување на обврските и спроведување на суштински реформи, напредокот ќе остане блокиран, додека соседните земји ќе продолжат да напредуваат
Крвав инцидент во Прилепскиот затвор: Осуденик нападнал цимер со остар предмет
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

