27 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, му упати јавно обраќање на пејачот Спасен Силјаноски, откако тој го критикуваше изборот на музички гости на годинашниот Тиквешки гроздобер.
Во својата изјава, Јанчев нагласи дека манифестацијата одамна прерасна од локален настан во регионален спектакл што собира десетици илјади посетители од Македонија и од соседните земји. „Јавно го повикувам Силјаноски уште утре да дојде во Општина Кавадарци и да одговори на неколку прашања – пред мене и пред јавноста. Сакам да ми каже во кој дел од програмата би се вклопил и, најважно, колку публика може да донесе во градот,“ истакна Јанчев.
Јанчев потсети дека сите кавадаречки музичари секогаш биле дел од програмата и биле максимално почитувани, но подвлече дека големата сцена е резервирана за имиња кои можат да привлечат масовна публика. „Ова не е забава во локал, туку настан со балкански рамки. Годинава ќе настапи и евровизиската победничка Марија Шерифовиќ, за чиј настап очекуваме најмалку 50.000 посетители. Нека каже Силјаноски дали може да донесе барем една петина од таа бројка,“ додаде градоначалникот.
Според Јанчев, гроздоберот има и големо економско влијание врз градот. „Колку поголема ѕвезда доаѓа, толку повеќе гости имаме, а тоа значи и поголеми приходи за нашите граѓани,“ изјави тој, додавајќи дека потценувањето на вакви изведувачи со „евтини популистички приказни“ е недостојно.
На крајот, Јанчев уште еднаш го повика Силјаноски лично да дојде во Општината и да даде одговор на јавно поставените прашања. „Недозволиво е со навреди да се омаловажува манифестација која со години ја претставува Кавадарци и Македонија пред целиот регион,“ порача градоначалникот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден