18 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Имињата на болниците и лекарите кои, според првичните наоди, непотребно упатувале пациенти на срцеви операции или изведувале интервенции кај лица со кардиоваскуларни дијагнози, ќе бидат објавени откако извештајот на комисијата ќе стане конечен. Ова го истакна министерот за здравство Азир Алиу во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
Министерот појасни дека моментално е завршена само првата фаза од анализата, додека втората фаза – во која ќе учествуваат тројца меѓународни експерти – сè уште не е отпочната. Дури по ревизијата и доработката на документот од страна на надворешните специјалисти ќе се премине кон негово јавно објавување.
– „Прво, од етички аспект, бидејќи станува збор за драфт-верзија. Можеби надворешните експерти ќе дојдат до различен наод и затоа треба сè уште да се анализира“, изјави Алиу.
Тој наведе дека не е соодветно да се објавуваат имиња на институции и лекари додека постои можност од промена на заклучоците, нагласувајќи дека целта е да се обезбеди максимална објективност.
Во однос на сомнежите за потенцијална необјективност во работата на комисијата – во која членуваат и лекари од приватни здравствени установи – министерот посочи дека сите одлуки се носат со мнозинство и дека телото брои 15 членови.
– „Еден или два гласа не можат да го променат резултатот. Имаме записници од секоја средба и за секој случај, детално е анализиран административниот и клиничкиот дел“, истакна Алиу.
Тој додаде дека покрај приватниот сектор, во комисијата се вклучени и доктори од државните здравствени институции, што според него обезбедува балансираност и професионален пристап.
Министерот најави дека по завршувањето на работата на меѓународните експерти, конечниот документ ќе биде објавен на веб-страницата на Министерството за здравство.
– „Тој извештај ќе биде јавно достапен. Чекаме втората фаза за да се ревидира документот и тогаш ќе биде конечен“, рече тој.
Откако Министерството ќе го добие конечниот извештај, ќе подготви акциски план со мерки за јакнење на системските механизми и спречување на слични случаи во иднина. Алиу најави дека документот ќе послужи како основа за измени и носење нови закони.
– „Извештајот нема да биде само лист хартија. Тој ќе биде патоказ за законски измени. Веќе работиме на промени на 12 закони и креирање на уште два нови поврзани со дигиталната трансформација на здравствениот систем“, додаде министерот.
Алиу потенцираше дека јавноста не треба да ја загуби довербата во здравствените услуги во кардиохирургија и васкуларна медицина. Тој нагласи дека транспарентноста е клучна за да се избегнат идни злоупотреби и да се одржи интегритетот на здравствениот систем.
– „Сакаме целосна транспарентност. По конечниот извештај ќе излеземе и со акциски план за системот да стане поотпорен на вакви процеси“, изјави Алиу.
Ахмети му честита на Хамза: ПДК е државотворна партија и наследничка на УЧК
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

