05 април 2026
• од Станча Јаќимовски
Алијансата за Албанците остро реагира на предложениот закон за високо образование, оценувајќи дека истиот не носи реформи, туку продлабочува постојни нееднаквости и создава нови неправди за Албанците во земјата.
На денешната прес-конференција, Арбен Халили истакна дека законот не обезбедува јасни гаранции за употребата на албанскиот јазик во универзитетските документи, ниту пак гарантира еднакво финансирање на универзитетите.
„Кога еден закон не го гарантира јасно албанскиот јазик во универзитетските документи и не гарантира еднакво финансирање, тогаш тоа не е закон за реформи. Тоа е закон за нееднаквост“, изјави Халили.
Од Алијансата нагласуваат дека новиот предлог не само што не ги решава проблемите од постојниот закон, туку и создава дополнителни бариери за албанските студенти и академскиот кадар. Според нив, албанските универзитети и студенти не смеат да бидат третирани како второстепени.
Посебен акцент беше ставен на прашањето за јазичната еднаквост. Од партијата бараат дипломите на албански јазик да бидат гарантирани за студентите на УКИМ, УГД и сите други државни универзитети, исто како што тоа веќе е случај на Државен универзитет во Тетово и Универзитет Мајка Тереза.
Покрај јазичните прашања, од Алијансата укажаа и на сериозни проблеми во однос на вработувањето. Според нив, албанските универзитети функционираат со дисбаланс меѓу редовниот и ангажираниот кадар, при што стотици асистенти и десетици доктори на науки чекаат вработување повеќе од една деценија.
Дополнително, беше посочено дека распределбата на финансиски средства е длабоко нерамноправна. Во 2025 година, од вкупно 5 милиони евра за научно-истражувачки проекти, само 2,5% биле доделени на албанските универзитети. „Ова не е еднаквост. Ова е институционален грабеж“, велат од партијата.
Од Алијансата за Албанците бараат предложениот закон веднаш да се повлече, оценувајќи го како штетен и дискриминаторски. Воедно, упатија апел до албанските политички партии, и од власта и од опозицијата, да не поддржат закон кој, како што велат, ја легализира неправдата.
Во меѓувреме, ресорната министерка Весна Јаневска изјави дека законот ќе биде затворен во понеделник и проследен во владина процедура. Таа нагласи дека сите сериозни забелешки ќе бидат разгледани и, доколку се соодветно аргументирани, ќе бидат вградени во текстот на законот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

