Алијанса за Албанците најавува излез од Владата: „Не сакаме да бидеме кукли“ – Таравари
Лидерот на Алијансата за Албанците (АА), Арбен Таравари, најави можност за напуштање на Владата, истакнувајќи дека доколку партијата не може да ја реализира мисијата за која добила поддршка од народот, ќе се повлече со достоинство. Оваа изјава Таравари ја даде на отворањето на партискиот штаб за локалните избори во Врапчиште, што го пренесе ТВ21.
„Минатата година побаравме поддршка, за да донесеме промени. Но оваа промена што ја имаме, не е промената што ја очекуваа Албанците. Тоа е неоспорен факт“, изјави Таравари, додавајќи дека Владата „се изгубила на патот кон Европската Унија“.
Тој упати сериозни критики за состојбата во државната администрација, посочувајќи на „исклучителна маргинализација“ на Албанците, што според него е еден од клучните проблеми кои не се решаваат.
„Сакаме да не бидеме кукли кога сме во Владата. Или ќе бидеме како што треба, или подобро да не бидеме таму. Не можеме да дозволиме нашите активисти да мислат дека сме се сместиле таму, а не мислиме за Албанците“, рече Таравари.
Тој најави дека партиските тела на Алијансата ќе одлучат во наредните денови дали ќе ја напуштат владината коалиција. Како што истакна, наместо борба за позиции, приоритет на партијата останува грижата за реалните проблеми на Албанците во државата.
„Излегуваме од Владата за да се вратиме посилни – најпрво на локално ниво, а потоа и во централната власт“, порача Таравари.
Оваа најавена одлука на АА доаѓа во време на зголемени тензии во владејачката коалиција и пред нови политички предизвици за земјата.