Али Ахмети во Струга: Албанскиот јазик е еден од најстарите во светот
Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, се обрати пред членови и симпатизери на партијата во Струга, каде што говореше за улогата на Албанците во историјата и нивниот придонес за културата на Балканот и пошироко.
Во своето обраќање, Ахмети истакна дека „албанскиот јазик е најстар јазик во светот“, додавајќи дека „не станува збор за јазик на луѓе кои се доселени, туку за јазик кој старее заедно со сонцето“. Тој посочи дека Албанците имаат гробишта стари илјадници години на овие простори, како и своја култура, традиција и неоспорен идентитет.
„Албанците се автохтони староседелци овде, не се странци во туѓ дом“, рече Ахмети. Тој додаде дека Албанците дале значаен придонес за културата на Балканот, Европа и светот.
Меѓу другото, Ахмети наведе дека личности како Константин Велики, Јустинијан Први и Ѓерѓ Дибрани, основачот на Охридската архиепископија, според неговите зборови, имаат албанско потекло.
„Ако сакате да владеете со Албанците, отстранете ја нивната илирска историја и илирска гордост. Ние сме дел од европската културна традиција и тоа не може да се негира“, рече тој.
Ахмети истакна дека иднината на државата зависи од хармонијата меѓу македонската и албанската заедница.
„Оваа држава може да опстои само со заемна почит и соработка меѓу заедниците. Ова не е закана, туку совет за оние кои креираат политики“, порача лидерот на ДУИ.