22 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Во Скопје во првата половина на декември ќе се одржи голем протест во поддршка на поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими – кои моментално се судат пред Хашкиот трибунал. Организатор на протестот е лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Овој протест ќе претставува продолжение на протестите што претходно се одржаа во Приштина, Тирана и Стразбур, каде ветерани на УЧК, како и граѓани, изразија масовна поддршка за обвинетите поранешни команданти.
За организацијата на протестот во Скопје, Ахмети се координира со Организацијата на ветераните на УЧК од Косово. Од ДУИ изјавуваат дека Ахмети, како еден од основачите на УЧК во Косово и во Македонија, ќе ја предводи оваа иницијатива.
„Протестот ќе се одржи на плоштадот 'Скендербег'. Настанот, под мотото 'Правда за Ослободителите', ќе обедини ветерани на УЧК и граѓани кои веруваат дека поранешните лидери се неправедно обвинети и очекуваат нивно ослободување. Кон нивна одбрана сведочеше и поранешниот американски генерал Весли Кларк“, велат од ДУИ за „Слободен печат“.
Во организацијата, покрај Ахмети, ќе се вклучат и Здружението на ветераните на УЧК предводено од Фазли Велиу, како и Здружението на ветераните на војната на УЧК на чело со Бесим Хода. Хода за „Слободен печат“ потврди дека ќе присуствува на протестот и дека, доколку биде побарано, ќе помогне и во организацијата.
„Сите здруженија ќе бидат дел од протестот, со цел мирно и чесно да ги поддржиме лидерите кои моментално се судат во Хаг. Секој што смета дека тие се судат неправедно, а јас верувам дека е така, е добредојден“, изјави Хода.
Најавата за протестот во Скопје следи по средбата на Ахмети со претставниците на Организацијата на ветераните на војната на Косово, каде била усогласена потребата за продолжување на поддршката за обвинетите поранешни претставници на УЧК.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

