македонија07 септември 2024 Активен пожарот во Мариово
Се прошири пожарот во Мариово и околината. Огнот зафати површина од петнаесет илјади хектари, додека периметарот на огнената линија изнесува околу 110 километри. На терен се повеќе од 200 професионалци. Од воздух се гасне со само еден „ЕР трактор“. Припадниците на армијата ги чуваат селата кои се во близина на огнот каде што тој е најактивен. Најмногу гори висока трева и нискостеблеста шума. Од утрово во прилепско активен е пожар на потегот Дрен и Смолани.
Од земја има капацитети за гаснење на пожарите, но не и од воздух. Помага само еден авион – „ЕР трактор“ од дирекцијата за заштита и спасување, останатите два не се во функција. Поради технички проблеми не можат да гаснат ниту двата полициски хеликоптери.
„Оптимисти сме дека во текот на утрешниот ден големиот полициски хеликоптер м171 ќе биде функционален и ќе можеме да го користиме. Има најави од УХМР за можен дожд на територијата на Мариово и прилепската околина, но засега овие прогнози не се остваруваат“, изјави Стојанче Ангелов – директор на Центарот за управување со кризи.