АХВ откри 300 тони небезбедна храна - дали јадеме безбедна храна??
Во рамки на засилените контроли ширум државата, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) досега има откриено околу 300 тони небезбедна храна, информираше директорот Оливер Миланов во вечерашната емисија „Бизнис21“ на ТВ21.
Според Миланов, небезбедните производи биле повлечени од пазарот навреме, со што биле спречени потенцијални здравствени ризици за потрошувачите.
„Вкупно се откриени околу 300 тона небезбедна храна поради неусогласености или недоследности. Станува збор за кондиторски производи, млечни, сувомеснати, преработена храна, природни минерални води, мед, овошје и зеленчук“, изјави Миланов.
Тој додаде дека инспекциските надзори се значително засилени, со цел рано откривање на несоодветни производи и заштита на здравјето на граѓаните. Благодарение на брзата реакција на надлежните, повеќето од овие производи не стигнале до потрошувачите.
АХВ продолжува со интензивни контроли, но и со едукација на производителите, дистрибутерите и увозниците за потребата од почитување на безбедносните стандарди. Целта е создавање стабилен и безбеден синџир на храна, кој ќе обезбеди квалитетна и здрава храна за сите граѓани.
Овој случај уште еднаш ја нагласува важноста на строгите контроли и институционалната подготвеност за навремено справување со ризиците поврзани со храната.