Ахмети со јасна порака: ДУИ не е „резервна гума“ во туѓи политички игри
Али Ахмети испрати јасна и недвосмислена порака – неговата партија нема да биде „резервна гума“ во сценаријата на други политички коалиции.
По вчерашната средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, Ахмети ги отфрли шпекулациите за можен договор со Арбен Таравари, актуелен министер за здравство и член на коалицијата ВРЕДИ.
„ДУИ не учествува во сценарија креирани од други политички субјекти. Ние не сме замена кога некој ќе одлучи да се повлече – тоа треба да биде јасно еднаш засекогаш,“ изјави Ахмети, одговарајќи на новинарско прашање.
Изјавата доаѓа како реакција на неодамнешните коментари на Таравари, кој посочи дека коалицијата ВРЕДИ е генерално консолидирана, но постојат одредени несогласувања околу заедничкиот настап на претстојните локални избори.
Таравари најави дека токму денеска ќе се донесе одлука дали крилото на Алијансата за Албанците што тој го води ќе настапи самостојно, или ќе ѝ се приклучи на иницијативата на БЕСА, Алтернатива и Демократското движење за заеднички кандидати.
Ахмети, пак, беше дециден – коалицијата ВРЕДИ треба сама да го дефинира својот пат и одговорноста за сопствените избори.
„Ако чувствуваат дека немаат простор или капацитет, нека ги напуштат институциите. Ние не сме тука да ги менуваме другите по нивна потреба. Тие самите ја креираат својата иднина. Нека останат таму каде што се,“ рече Ахмети.
Со оваа изјава, лидерот на ДУИ јасно го подигна политичкиот тон, оставајќи впечаток дека неговата партија останува самоуверена и независна, без намера да влегува во коалициски калкулации на другите албански политички актери.