Адвокатот на Васил Јованов најави жалба: „Не може од овој настан да се спроведува нова казнена политика“
Адвокатот на Васил Јованов, Сашко Дуковски, најави дека ќе поднесат жалба до Апелациониот суд по пресудата со која неговиот клиент е осуден на 12 години затвор. Јованов беше прогласен за виновен за сообраќајната несреќа во која загина Фросина Кулакова, откако на пешачки премин помина на црвено светло.
Дуковски изрази незадоволство од висината на казната, тврдејќи дека пресудата отстапува од досегашната судска пракса.
„Бидејќи признавме вина, очекувана беше осудителна пресуда. Но, ваква пресуда не е во согласност со воспоставената пракса. Идентична сообраќајка од 2019 година, на истото место, завршена е со 3,5 години затвор. Во друг случај во Велес, со еден прекршок повеќе, пресудата беше осум години. Само за тоа преговарам – не може од овој настан да се воведува нова казнена политика“, изјави Дуковски, додавајќи дека не било доволно вреднувано признанието на вина од страна на обвинетиот.
Судијката Снежана Марковска во образложението на пресудата истакна дека законскиот минимум за ваков прекршок е четири години, а максимумот 20 години затвор. Покрај затворската казна, Јованов доби и забрана за управување со моторно возило.
Случајот предизвика силни емоции кај семејството на починатата. Таткото на Фросина, Тодор Кулаков, бурно реагираше на пресудата, незадоволен од казната, ја напушти судницата со зборовите: „Судот е мафија!“
Останува да се види како ќе постапи Апелациониот суд по жалбата и дали казната ќе биде преиспитана.