12 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Пратеникот Арбр Адеми упати остри критики кон Уставниот суд, обвинувајќи дека институцијата се претворила во инструмент на актуелната власт за поткопување на достигнувањата кои произлегуваат од Охридскиот рамковен договор.
Според Адеми, веќе подолго време постојат сомнежи дека Уставниот суд дејствува политички, наместо да ја штити уставноста и правниот поредок на државата. Тој смета дека раководството на судот, особено неговиот претседател Костадиновски, отворено покажува антиалбански ставови.
Како пример за тоа, Адеми го посочува случајот со системот „Safe City“, каде што, според него, било предложено СМС-пораките да се испраќаат само на македонски јазик. Тој нагласува дека пораките се дозволени и на англиски јазик, но не и на албански, што, како што вели, претставува директно прекршување на Уставот и на принципите на јазична еднаквост.
„Со вакви одлуки се злоупотребува службената положба и се врши брутална интервенција во правниот поредок на државата“, оценува Адеми.
Тој исто така посочува дека и во овој случај двајцата албански судии и еден турски судија во Уставниот суд биле надгласани, ситуација која, според него, потсетува на политичките практики од деведесеттите години.
На крајот од својата реакција, Адеми ги критикува и оние кои, како што вели, порано уверувале дека има институции кои се грижат за правата на Албанците. Според него, денес тие не се осмелуваат јавно да реагираат.
„Што повеќе да се каже? Тие што велеа ‘бидете мирни, има кој се грижи за Албанците’, денес не се осмелуваат ни глас да кренат. Лошо, многу лошо“, напиша Адеми.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

