25 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Координаторката на пратеничката група на „Европскиот фронт“, Рина Ајдари, остро го критикуваше предлог-буџетот за 2026 година, оценувајќи го како најслаб, најнеодговорен и политички најмотивиран финансиски документ во изминатите години. Според неа, буџетот не нуди развојна перспектива, туку „стагнација, клиентелизам и зголемен јавен долг“, креиран за да ја одржи власта и да ја храни, како што рече, партиската администрација.
Од „Европскиот фронт“ велат дека Владата повторно доставила документ без јасна стратегија, без реформи и без одговорност, кој само ги продлабочува постојните економски и институционални кризи.
Ајдари предупреди дека предложениот буџет ја загрозува макроекономската стабилност на државата и го зголемува јавниот долг над 60 проценти од БДП, со што земјата се претвора во „хроничен должник“. Дополнително, го обвини Министерството за финансии дека го прекршува Законот за буџети, планирајќи дефицит од 3,5 проценти — над законски дозволената граница од 3 проценти.
Според неа, Владата значително го намалила програмскиот развоен пакет од 11 на 8 милијарди денари, што, како што истакна, ќе го парализира инфраструктурниот и економскиот развој.
Во своето обраќање, Ајдари се повика и на Извештајот за напредокот на Европската комисија за 2025 година, во кој, како што нагласи, јасно се нотира дека Владата не направила напредок во клучните реформи, го одложила фискалното консолидирање и не го спровела целосно органскиот Закон за буџети.
„Ова е најјасната потврда дека ниту Брисел веќе не ѝ верува на Владата во управувањето со јавните финансии“, изјави таа.
Посебен акцент Ајдари стави на одлуката од буџетот целосно да се избрише Програмата за соодветна и правична застапеност — механизам кој, според неа, е уставна норма и еден од темелите на Охридскиот рамковен договор.
Таа предупреди дека отсега нема да има средства за вработувања што гарантираат правична застапеност на Албанците и на другите заедници, што го поврза со неодамнешната одлука на Уставниот суд за укинување на „балансерот“.
„Ова само потврдува дека Владата, наместо да го спроведува Охридскиот договор, ги подрива неговите основни принципи“, додаде Ајдари.
Коалицијата „Европски фронт“ поднела 97 амандмани на предлог-буџетот, барајќи итни корекции кои ќе гарантираат праведност, регионален развој и европска интеграција. Ајдари истакна дека нивните предлози се јасни и конкретни, и не се мотивирани од партиски интереси, туку од потребата за „буџетска праведност“.
Таа упати повик до Владата да престане со импровизации и да започне да постапува одговорно и во интерес на граѓаните.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

