92 сообраќајни прекршоци во Скопје – санкционирани 50 возачи на мотоцикл
Синоќа, во рамки на Оперативната акција „Безбеден сообраќај“, Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје спроведе засилена сообраќајна контрола во периодот од 17:00 до 01:00 часот. Целта на контролата беше зголемување на безбедноста на патиштата со фокус на возачите на мотоцикли и велосипеди со помошен мотор.
При контролата биле откриени вкупно 92 сообраќајни прекршоци, од кои 50 се однесуваат на возачи на мотоцикл. Од нив, 14 возеле без возачка дозвола, уште 14 без заштитна кацига, девет возачи управувале мотоцикл без положен испит, четворица управувале возило од несоодветна категорија, две лица минале со мотоцикл на црвено светло, а тројца не постапиле по знак „стоп“ даден од полициски службеник.
Надлежните најавуваат дека ваквите засилени контроли ќе продолжат и во наредниот период со ист интензитет. Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел зголемување на безбедноста на патиштата и намалување на бројот на сообраќајни несреќи.