29 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Основниот кривичен суд Скопје денеска му изрече казна затвор во траење од 11 години на 25-годишниот Фатон Љури, кој на 1 јули годинава со мотоцикл смртно го прегази 68-годишниот Југослав Николовски на кејот на реката Вардар и го напушти местото на несреќата.
Според пресудата, Љури управувал мотоцикл „Кавасаки“ без регистарски таблички и без возачка дозвола, движејќи се по пешачка патека на улицата „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, површина наменета исклучиво за пешаци. Со брзина од околу 35 километри на час, тој со страничниот дел од мотоциклот удрил во пешакот Николовски, кој се здобил со тешки повреди на черепот и мозокот, по што подоцна починал во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Покрај затворската казна, Судот му изрече и забрана за управување со моторно возило од А категорија во траење од пет години, која ќе започне да важи по правосилноста на пресудата.
Судот го прогласи обвинетиот за виновен за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, согласно член 297 став 1 во врска со член 300 став 2 од Кривичниот законик.
Во образложението на пресудата, судијката Снежана Марковска истакна дека делото е сторено со евентуална умисла, бидејќи обвинетиот бил свесен дека со движењето по пешачка патека ги крши сообраќајните прописи и дека таквото однесување може да доведе до тешки последици.
При одмерувањето на казната, Судот ги ценел сите олеснителни и отежнителни околности, вклучително и начинот на извршување на делото, интензитетот на прекршувањето на законските забрани, како и однесувањето на обвинетиот по несреќата. Посебно биле земени предвид и исказите на семејството на починатиот, кои сведочеле за трајната загуба и сериозното нарушување на нивниот семеен живот.
Во изречената казна затвор се пресметува и времето што обвинетиот го поминал во притвор, а истиот е задолжен да ги плати и трошоците на судската постапка. До правосилноста на пресудата, Судот му ја продолжи мерката притвор. Против оваа првостепена одлука е дозволена жалба во рок од 15 дена до Апелациониот суд Скопје.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

