Илинденците и 11-ти Октомври
Ако 11-ти Октомври е ден на народното востание, тогаш преживеаните Илинденците од 1903 год. и Македоно-одринските ополченци од Балканските војни 1912-1913 год. изгледа дека не се чувствувале како дел од тој народ.
Комунистите на Тито и Сталин во нивниот Манифест на АСНОМ од 2-ри август 1944 год., самите си признаваат дека не можат да ги убедат преживеаните стари Илинденци и Македоно-одрински ополченци да преминат на нивната страна. Манифестот на АСНОМ се обраќа до нив со зборовите:
“ИЛИНДЕНЦИ
Крвавиот фашиски окупатор спекулира со вашите жертви и со вашата крв. Тој срамно ги изопачува целите на вашата несебична борба во миналото. Тој се опитва да го сроза вашиот авторитет, употребувајќи ве како перде за страшниот грабеж и терор спроведуван над вашата земја. Тој подмолно се опитва во најрешителните моменти да го раздели вашиот народ на стари и млади.
Се исполнуват целите за кои вие сте се бориле. Македонија врви кон својата слобода, кои непостигнатиот идеал за кој хилјадници ваши другари ги дадоа својте животи во Илинденската епопеа. Вашиот првоборец и другар Димитар Влахов е еден од нашите водачи. Вашето место е покрај вашите синови и внуци. Напред во борбата за идеалите за кои вашата генерација се бореше, а нашата ги исполнува! Напред стари и млади за изградуване на слободна Македонија!”
Зошто титовите комунисти не можеле да ги убедат Илинденците да им се приклучат во нивната борба за слобода и зошто споменуваат дека само советскиот агент – Димитар Влахов, е на нивна страна? Дали можеби заради тоа што старите Илинденци се определувале како македонски българи и веќе сметале дека живеат во слобода?
Бидејќи за разлика од комунистичките титови партизани, родени во Кралска Југославија и образовани на српски јазик, старите илинденци и ополченци знаеле за каква Македонија се бореле како комити и војводи на ВМОРО во 1903 год., а знаеле и зошто се бореле во редовите на Бугарската армија во Балканските војни и во Првата светска војна. Сигурно никој од нив не се борел за Македонија – “на чело со љубимиот водач на Југославија маршал Тито!”, како што завршува Манифестот на АСНОМ од 1944 год.
Преживеаните Илинденци и ополченци во 1941 год. со радост го дочекале доаѓањето на бугарската армија и активно учествувале во сите настани и чествувања во перидот 1941-1944 год.
Анастас Лозанчев, роден 1870 г. во Битола, бил еден од тројцата членови на Главниот штаб на Илинденското востание, заедно со Даме Груев и Борис Сарафов. На 12 април 1941 год. тој пишува статија, во која вели дека Македонија и Беломорието се слободни. На кој народ припаѓал родениот битолчанец и раководител на Илинденското востание, Анастас Лозанчев?
“Жива е Македонија!
Живо е Беломорието!
Златниот наш народ со силно народносно чувство во Македонија и Беломорието; борбите со грците за црковна независност, нашата просвета, нашите безбројни училишта; величествените револуционерни борби по македонските и беломорските градови и села, по гори, долини и долови, десетиците илјади загинати мои другари – најценетите чеда на мојата татковина, во чиишто величествени борби, значајно учество зеде и мојата скромна личност; скапите жртви дадени од братска Русија; както и преголемите жертви од българската армија и народ се нашиот капитал.
Тој капитал Всеблагиот Бог нареди да даде плод.
Преполнет сум од радост и возбуда, затоа што после сите маки и борби во мојот живот, стигнав до 71-та година, за да ја видам да блесне посакуваната од мене желба – слободата на Македонија и Одринско.
Го молам Бога да ми даде уште сили да дочекам, да можам да ги посетам гробовете на паднатите на полето на честа мои другари и блиски, како и да ги бакнам моите живи соборци во Битолскиот крај.
Анастас Лозанчев,
бивш главен раководител 2-от Револуционерен округ (Битолски). Бивш член на Главниот штаб на Илинденското востание во 1903 год.”
Посебно е значајно чествувањето на 39-годишнината од Илинденското востание во Битола, каде што во периодот од 31 јули до 4 август 1942 год. се одржува и конгрес на Илинденската организација. Потоа Илинденци одат во посета и на село Смилево.
За таа цел од старите предели на Бугарија пристигнуваат над 300 Илинденци, повеќето бегалци од Вардарска Македонија за време на српското робство. Учесници на конгресот на Илинденците во Битола биле револуционери од Вардарска, Пиринска и Беломорска Македонија, меѓу кои поистакнати се:
-
Анастас Лозанчев, роден 1870 г. во Битола – член на Главниот штаб на Илинденското востание (заедно со Даме Груев и Борис Сарафов);
-
Георги Поп Христов, роден 1876 г. во с.Крстоар, Битолско – заменик на Даме Груев во Главниот штаб на Илиндеското востание, учествува во востанието во Леринско и Костурско. На шестиот конгрес на ВМРО во 1925 год. е избран за член на Централниот комитет, заедно со Иван Михајлов и Александар Протогеров. Од 1941 год. живее во Битола и организира чети за борба против комунистичките партизани.
-
Андон Кецкаров, роден 1865 г. во Охрид – охридски војвода по време на востанието;
-
Лазар Томов, роден 1878 г. во с.Годлево, Разложко – разложки војвода по време на Илинденското востание и претседател на Илинденската организација;
-
Крсто Лазаров, роден 1881 г. во с.Коњух, Кратовско – учесник во Илинденското востание во скопскиот реон, војвода на ВМРО во периодот на србското робство и водител на котрачета за борба со комунистите до 1944 год.;
-
Милан Ѓорлуков, роден 1884 г. во с. Кривогаштани, Прилепско – прилепски војвода на ВМОРО;
-
Величко Велјанов, роден 1874 г. во с.Црешево, Скопско – скопски војвода на ВМОРО,
-
Милан Матов, роден 1875 г. во Струга – учесник во Илинденското востание во струшкиот реон и битолски војвода на ВМОРО, брат на идеологот на ВМОРО – Христо Матов;
-
Лазар Киселинчев, роден 1874 г. во с.Косинец, Костурско – член на Костурското горско началство по време на Илинденското востание;
-
Георги Чуранов, роден 1860 г. во с.Смилево, Демир Хисарско – во неговата куќа се одржува Смилевскиот конгрес на ВМОРО, а тој е назначен за револуционен началник на Ѓавотколскиот реон по време на востанието
-
Христо Шалдев, роден 1876 г. во Гумендже – се враќа од студии во Санкт Петербуг за да учествува во Илинденското востание и се бори во регионот на Скопје.
-
Лука Джеров, роден во 1869 г. во Битола – раководител на Кичевскиот револуцинерен комитет за време на Илиндеското востание
-
Свештеник Тома Николов, роден 1863 г. во с.Вранештица, Кичевско – комита во четите на Тома Давидов и Славејко Арсов, учесник на Смилевскиот конгрес во 1903 г.
-
Владимир Карамфилов, роден 1877 г. во Прилеп – учесник во подготовката на Илинденското востание като член на прилепскиот околиски комитет, бил дел од четата на Борис Сарафов.
-
Апостол Христов Фрчковски, роден 1877 г. во с.Галичник – за време на Илинденското востание е раководител на галичко-реканскиот револуционерен округ.
-
Христо Настев, роден 1876 г. во Штип – делегат на Смилевскиот конгрес, по време на Илиндеското востание се бори во Леринско, во четата на Георги Поп Христов.
-
Христо Танушев, роден 1877 г. во Крушево – војвода на Врховниот македоно-одрински комитет и учесник во Илинденското востание во Серскиот округ.
-
Димитар Спространов, роден 1882 г. во Охрид – по време на Илинденското востание е војвода во Кичевско.
-
Димитар Динев, роден 1880 г. во с.Бајалци, Гуменџиско – по време на Илинденското востание е комита во четата на Сава Михајлов и е ранет во борбите крај с.Клисура, Костурско.
-
Никола Велјанов Алтипармаков, роден 1867 г. во с.Доленци, Битолско – член на Врховниот македоно-одрински комитет (ВМОК), а потоа на битолскиот окружен комитет на ВМОРО.
-
Ташко Костов, роден 1879 г. во с.Горно Врбени (Екши-Су), Леринско – комита во четата на леринскиот војвода Пандил Шишков.
-
Коце Ципушев, роден 1877 г. во Радовиш – деец на ВМОРО, лежел неколку години во затвори во турско робство и 20 години во затвор под србско робство;
-
Свештеник Јордан Ангелов, роден 1874 г. во Прилеп – деец на ВМОРО во прилепскиот крај.
-
Кирил Христов Совичанов, роден 1878 г. во Битола – член на околискиот комитет на ВМОРО во Дедеагач, каде што бил учител. Претседател на Илинденската организација и уредник на списание “Илустрација Илинден”.
-
Александар Развигоров, роден 1874 г. во Штип – раководител на кочанскиот околиски комитет на ВМОРО од 1898 г.
-
Илија Христофоров, роден 1879 г. во Радовиш – деец на ВМОК и ВМОРО.
-
Јордан Тренков, роден 1880 г. во Прилеп – делегат на Смилевскиот конгрес, на кој што е назначен за член на Прилепското горско началство по време на Илинденското востание.
Титовите партизани го убиваат Милан Ѓорлуков без суд и пресуда на 9 септември во Скопје, а Крсто Лазаров е осуден како “големобугарин” и е стрелан заедно со уште 47 други кумановци на 14 јануари 1945 год.
Пишува: Зоранчо Маринков