Големосрпската пропаганда од 1878 год. во извештајот на ЕКРИ
Пишува: Зоранчо Маринков
Оваа седмица беше публикуван извештајот на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата (ЕКРИ), која е дел од Советот на Европа. Во него за Северна Македонија, помеѓу другото се истакнува – стереотипното етикетирање на Бугарите како “фашисти”, а на Бугарките како “евтини проститутки”.
Да видиме кога се измислени и од каде доаѓаат теориите дека бугарските жени се неморални. Тие не измислени во Титова Југославија, ниту во Република Македонија после 1991 год., туку многу порано. Еве што пишува за Бугарките, големосрпската пропаганда во периодот помеѓу Сан Стефанскиот договор и Берлинскиот конгрес, 1878 год.
“Што се однесува до редот на ваквите народни собори – на мијачката девојка не ѝ се свири на орото циганин, ниту таа ги фрла чевлите, за да се расфрла по чорапи на општо изненадување, соблазнување и гадење на младите момчиња, кои што исто така се тука собрани на собор, оддалечени на 300 стапки, па се натпреваруваат во јуначки дела – како што за жал прават Бугарките, со општо одобрение и на задоволство на младите момчиња, кои се со нив измешани.
Каква разлика помеѓу мијачката девојка и Бугарката! Едната е олицетворение на скромност, другата на разврат, едната е идеја, другата е женска!
…Каква разлика би се појавила помеѓу мијачката невеста и невестата Бугарка, само кога би имал време и место за да ги споредам мотивите, моралот и ставовите за бракот на едната со мотивите и т.н. на другата, која што со “аман, аман, мале море” ѝ кажува на мајка си, дека засакала некого, и ја поставува пред дилема: или да се омажи (бидејќи Бугарката кажува дека не се родила за цел живот да ја чува мајка си), или ќе побегне бегалка, или најнакрај ќе се потурчи.
Во една таква споредба, Бугарката би била онаа крв што го придвижува срцето кон страст, а мијачката онаа невидлива сила која го придвижува умот да го бара рајот, едната е Помпадура, другата е Беатриче!”
Текстот е дел статијата “Старо-Срби” , која што е публикувана во вестник “Српске новине” во три броеви, од 30.05. до 01.06.1878 год. Нејзин автор е Димитрије Алексијевич, роден во село Росоки, во близина на Дебар.
Тој како стипендист на српската влада го завршува историски-филолошкиот отсек на Филозофскиот факултет во Белград, по што станува професор во белградска гимназија. После 1878 год. е директор на гимназијата во Пирот, а истовремено работи за Министерството на просветата и црковните работи на Србија, за ширење на српската пропаганда во Македонија. Бил уредник на календарот “Вардар” од 1878 до 1881 год.
Српската влада во 1885 год. решава да издава вестник во Цариград, а работата околу издавањето ја раководи, Стојан Новакович. Тој се договара со Димитрије Алексијевич, за истиот да ја напушти пиротската гимназија и да замине во Цариград, каде што е назначен за уредник на весникот.
Стојан Новаковиќ во писмо испратено до премиерот на Србија, Милутин Гарашанин на 6 август 1885 год., пишува дека весникот ќе го носи името “Вардар, весник за народни и просветни интереси на Македонските Срби”.
Стојан Новакович е на мислење дека само песните, приказните и другата народна македонска литература во весникот, или како што пишува Новакович во писмото (Volksliteratur Македонску) да биде на македонски говор, а сѐ останато да биде на српски јазик. Нормално, Стојан Новакович во писмото истакнува дека главната цел на весникот ќе биде да полемизира со Бугарите и бугарските весници, а кон грчките, српските, турските и руските да покажува неутралност или лојалност.
Но, издавањето на весникот не се реализира, иако Димитрије Алексијевич заминува за Цариград, при што само за патни трошоци добива 3.000 динари од Министерството за надворешни работи на Србија. Српскиот премиер испраќа писмо до тогашниот српски амбасадор во Цариград, Јеврем Грујич на 17 август 1885 год. со кое му наредува Димитрије Алексијевич во Цариград да добива месечна плата од српската држава во износ од 600 динари.
Податоците за Димитрије Алексијевич и весникот Вардар се од книгата “Граѓа за историјата на македонскиот народ од Архивот на Србија. Том IV, книга I, (1879-1885)”, Белград 1985 год.