26 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Поранешниот градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски, во интервјуто кај Ландов повторно се осврна на контроверзите поврзани со неговото семејно минато, особено улогата на неговиот дедо, Кирил Жерновски.
Во разговорот, Жерновски настојуваше да ги релативизира критиките, потенцирајќи дека неговиот дедо бил поврзан со антифашистичките процеси и дека бил дел од АСНОМ. Сепак, историските факти покажуваат дека Кирил Жерновски во периодот од 1941 до 1943 година бил помошник-кмет на Скопје, во време на бугарска администрација.
Дополнителна тежина на дебатата ѝ дава и архивски документ објавен во весникот „Македонија“ (бр. 120, 20 февруари 1921 година, Софија), кој сведочи за раната активност на Кирил Жерновски.
Во текстот јасно се наведува формирањето на студентското македонско здружение „Вардар“ во Софија. Како претседател е наведен Иван-Ванчо Михајлов, додека меѓу резервните членови експлицитно се споменува „К. Жерновски“, што се поврзува со Кирил Жерновски.
Овој податок укажува дека тој бил дел од организациски структури поврзани со кругови блиски до ВМРО уште во раниот период по Првата светска војна.
Овие факти отвораат прашања за континуитетот на политичките и идеолошките позиции на Кирил Жерновски низ различни историски периоди – од студентските денови во Софија, преку неговата улога во 1940-тите, па сѐ до тврдењата за поврзаност со антифашистичкото движење.
Додека Андреј Жерновски инсистира на една интерпретација на историјата, новите и повторно актуелизирани архивски извори покажуваат дека прашањето е далеку посложено и бара внимателна, фактографска анализа.
Јавната дебата за ова прашање продолжува, отворајќи пошироки дилеми за односот кон историјата, семејното наследство и политичката одговорност во современиот македонски контекст.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

