26 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Свети Иполит бил воен началник и надзорник на затворот во Рим. Роден и воспитан како незнабожец, тој целиот свој живот го минувал во служба на царот и паганските обичаи. Неговата судбина, меѓутоа, засекогаш се променила кога во затворот бил доведен архиѓаконот свети Лаврентиј, на кого самиот цар му наредил Иполит особено внимателно да му го чува животот.
Иполит бил сведок на чудесни дела. Го видел моментот кога свети Лаврентиј му го враќа видот на слепиот Лукилиј и како исцелува многу други болни. Овие настани длабоко го потресле и го натерале да поверува во Христа. По крштението од рацете на Лаврентиј, Иполит имал небесно видение и изјавил: „Ги видов непорочните души во голема радост.“
Веднаш по ова, тој го повел Лаврентиј во својот дом каде сите негови деца, заедно со старата дадилка Конкордија, биле крстени. Така целото семејство, броејќи деветнаесет души, станале христијани.
По маченичката смрт на свети Лаврентиј, Иполит тајно го зел неговото тело, го завиткал во плаштаница и чесно го погребал. Но делото било откриено и до царот Декиј стигнала веста. На третиот ден по смртта на Лаврентиј, Иполит бил уапсен и изведен пред царот. Бидејќи одбил да се одрече од Христа, бил сурово мачен – биен со камења по устата, соблечен и тепан. Тогаш со непоколеблива вера рекол: „Не си ме соблекол, туку почна да ме облекуваш.“
Додека го тепале и шибале, тој постојано исповелувал: „Христијанин сум!“
Кога царот дознал дека и домашните на Иполит станале христијани, наредил сите да бидат изведени. Прва зборувала старата Конкордија: „Ние повеќе сакаме со нашиот господар чесно да умреме во верата Христова, отколку со вас нечестивите бесчесно да живееме.“ Таа прва била убиена, а потоа и останатите осумнаесет члена на семејството, пред очите на Иполит.
Најпосле, и самиот Иполит бил врзан за див коњ кој го влечел сè додека душата негова не ја предал на Бога.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден