24 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Денеска православните верници го чествуваат споменот на Светиот апостол Филип, еден од дванаесетте Христови апостоли, кој со својата вера и пожртвуваност оставил длабока трага во историјата на христијанството.
Свети Филип бил роден во градот Витсаида, крај езерото Галилејско — истото место каде што се родиле и апостолите Петар и Андреј. Уште од детството бил воспитан во духот на Светото Писмо, и кога Господ Исус Христос го повикал да тргне по Него, Филип без двоумење го послушал повикот и се придружил на Неговото апостолско дело.
По слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, Свети Филип ревносно го ширел Евангелието Христово низ многу краишта на Азија и Грција. За време на своето мисионерско патување, се соочувал со бројни прогони, но Господ го штител со моќни чуда. Едно од најпознатите се случило кога еврејскиот првосвештеник, кој се обидел да го удри, одеднаш ослепел и почернел, а земјата се затресла и ги проголтала гонителите на светиот апостол.
Преку своите молитви, Свети Филип извршувал многу исцеленија и со тоа мнозина незнабошци поверувале во Христа.
Во фригискиот град Јерапол, Свети Филип проповедал заедно со Свети Јован Богослов, својата сестра Маријамна и апостолот Вартоломеј. Таму се соочиле со паганите кои обожувале една опасна змија, која ја сметале за божество. Со молитва, апостолите ја умртвиле змијата, што предизвикало гнев кај незнабошците. Разјарената толпа го фатила Свети Филип и го распнала на дрво главечки.
Подоцна, неговите мошти биле пренесени во Рим, каде биле со голема почит чувани од верниците. Светиот апостол Филип пострадал во 86 година, за време на владеењето на царот Дометијан.
Светиот апостол Филип останува пример за силна вера, храброст и несебична љубов кон Христа. Неговото дело и маченичка смрт се потсетник за постојаната борба помеѓу светлината на верата и темнината на незнаењето.
Нека неговиот пример нè поттикне сите да бидеме постојани во верата и љубовта кон Бога.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

