20 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Денес, православните верници го одбележуваат празникот на Светите маченици Сергиј и Вакх — двајца видни и благочестиви луѓе кои со својата непоколеблива вера го посведочија христијанството во време на тешки прогони.
Сергиј и Вакх биле истакнати лица на дворот на римскиот цар Максимијан. Поради нивната чесност и оданост, царот ги почитувал и имал голема доверба во нив. Но кога дознал дека се христијани и дека одбиваат да се поклонат на паганските богови, неговата наклонетост се претворила во гнев. Во знак на понижување, Максимијан наредил да бидат облечени во женски алишта и со железни огламници околу вратот да бидат водени по улиците на Рим, пред очите на народот.
Потоа, царот ги испратил во Азија кај својот намесник Антиох, кој бил нивни поранешен пријател. Антиох се обидел да ги убеди да се откажат од верата во Христос, но кога увидел дека нивната решителност е непоколеблива, наредил тие да бидат подложени на тешки маки. Прв го убил Вакх, а потоа и Сергиј, кои храбро ги поднеле страдањата за својата вера.
Светите маченици Сергиј и Вакх го дадоа, како што вели Писмото, „на царот царевото, а на Бога божјото“ и се преселија во вечниот живот околу 303 година по Христос.
Нивниот пример останува сведоштво за непоколебливата вера, храброст и љубов кон Бога, а денес христијаните им се поклонувaат како светли примери на духовна сила и верност кон вистината.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден