18 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Светата маченичка Харитина живеела во времето на римскиот цар Диоклецијан, во период кога христијаните биле жестоко гонети заради својата вера. Таа од детството била сираче, но Господ ѝ подготвил светол пат: ја посвоил угледниот христијанин Клаудиј, кој ја воспитал со голема љубов и ја научил на Божјиот закон.
Харитина уште од најрана возраст се заветувала дека ќе Му служи на Христос во девственост и чистота. Со својата мудрост, кротост и вера, многумина ги обраќала кон христијанството, изведувајќи ги од темнината на незнаењето кон светлината на вистината.
Но за нејзината ревност дознал намесникот на царот Диоклецијан, некој Дометијан. Тој ја повикал пред суд и ѝ рекол:
„Вистина ли е, девојко, дека си христијанка и дека другите ги мамиш кон таа вера?“
Харитина со храброст му одговорила:
„Вистина е дека сум христијанка, но лага е дека ги мамам другите; јас само ги изведувам заблудените на патот на вистината, приведувајќи ги кон мојот Христос.“
Разјарениот судија ја осудил на страшни маки: ѝ ја истрижале косата, ја посипале со жар, ја фрлиле во море и ја врзале за тркало. Но секој пат Божјата сила ја спасувала. Конечно, Дометијан испратил развратни луѓе да ја осквернат. За да не биде бесчестена, светата девица Му се помолила на Господа да ја прими нејзината душа пред тие да дојдат. Бог ја послушал нејзината молитва, и таа мирно ја предала својата света душа во Неговите раце, преселувајќи се во небесното Царство Христово.
Светата Харитина ни остава пример на чистота, смирение и непоколеблива вера. Таа ни покажува дека љубовта кон Христос е посилна од секоја мака и дека храброста во верата е венец на духовна победа.
Да се угледаме на нејзината чистота и ревност, и со вера да го следиме патот на Спасителот, дури и кога светот нè искушува.
Глас 4-ти
Распламтена со оган на Божествената љубов уште од младоста,
погледот на твоите очи од сè што е во светот си го одвратила,
и заради Христа осаменички си живеела,
со добродетели ја украсила својата душа за небесниот Женик Христос,
за кого се удостои и маченички да пострадаш,
света маченичке, чудесна девице Харитино.
По нејзините молитви, Христе Спасителе, помилуј ги нашите души.
Само што ни тргна: „Трансавиа“ ги укинува летовите меѓу Скопје и Амстердам
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден