05 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Денеска се празнува споменот на Свети Климент Анкирски, еден од најголемите маченици на ранохристијанската Црква, чиј живот претставува силно сведоштво за непоколеблива вера, духовна зрелост и жртвена љубов кон Христос.
Свети Климент е роден во 258 година во градот Анкира, од татко незнабожец и мајка христијанка, благочестивата Ефросинија. Таа уште во раното детство му ја прорекла маченичката смрт и се упокоила кога Климент имал само дванаесет години. По нејзината смрт, грижата за него ја презела нејзината пријателка Софија, која го примила како свој син и го воспитувала во длабок христијански дух.
Иако млад по години, Климент се истакнал со редок морален живот и духовна мудрост. Толку бил прочуен по својата добродетел, што на само дваесет години бил избран за епископ Анкирски. Во својата младост стекнал „старечка мудрост“, живеејќи со строго воздржание и пост. Се хранел само со леб и зелје, одбегнувајќи сè што било заклано и крвно, победувајќи ги телесните страсти со силата на духот.
Во времето на цар Диоклецијан започнале неговите долготрајни и страшни маки. Речиси три децении – цели дваесет и осум години – Свети Климент минал во затвори и измачувања, подложен на суровост од единаесет различни мачители. Сепак, ниту болката, ниту понижувањата не ја скршиле неговата вера. Кога мачителот Дометијан го удирал, го плукал и му ги кршел забите, Климент со мир и храброст му рекол дека со тоа не го мачи, туку му прави чест, зашто исто така бил мачен и неговиот Господ Исус Христос.
Кога бил изведен пред самиот цар Диоклецијан во Рим, пред него биле поставени од една страна разни орудија за мачење, а од друга – богати дарови, пари и почести. Без двоумење, Христовиот маченик ги презрел царските подароци и ги избрал справите за мачење. Следеле неискажливи страдања: од неговото тело му кинеле парче по парче месо, сè додека коските не се гледале под раните.
На крајот, во 312 година, Свети Климент бил убиен со меч во црквата во Анкира, токму додека како архијереј служел света литургија. Неговиот живот и смрт остануваат силен симбол на верност кон Христос до последниот здив. Чудата што ги извршил Свети Климент се безбројни, а неговиот спомен и денес ја крепи верата на христијаните ширум светот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

