03 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Денеска Православната Црква го празнува споменот на Преподобен Максим Исповедник, еден од најголемите богослови и исповедници на христијанската вера. Неговиот живот и дело претставуваат сведоштво за непоколеблива вера, духовна храброст и жртва во одбрана на вистинското учење на Црквата.
Роден во Цариград, Максим најпрвин служел како висок дворјанин на дворецот на царот Ираклиј. И покрај угледот и положбата што ги имал, тој се откажал од светската слава и моќ, избирајќи го монашкиот пат. Станал монах, а подоцна и игумен на манастир во близина на престолнината, каде што се посветил на духовен живот и богословска мисла.
Преподобен Максим останал запаметен како најголем бранител на Православието против монотелитската ерес. Ова учење, кое произлегло од Евтихиевата ерес, тврдело дека Христос има само една волја. Наспроти тоа, свети Максим храбро и аргументирано учел дека Христос, согласно двете природи – божествената и човечката – има и две волји. Со ова негово исповедание, тој се спротивставил не само на еретиците, туку и на самиот цар и на тогашниот патријарх.
И покрај притисоците и заканите, свети Максим не отстапил од вистината. По негово залагање биле свикани собори во Картагена и во Рим, на кои учењето на монотелитите било осудено и анатемисано. Оваа победа на Православието, сепак, била платена со огромно лично страдање.
Страдањата на Преподобен Максим биле тешки и понижувачки: бил малтретиран од властите, измамуван од судиите, исмејуван и плукан од народот, тепан од војниците, прогонуван и затворан. На крајот, како казна за неговата вера, му биле отсечени јазикот и десната рака, а бил осуден на доживотно прогонство во далечната Скитија. Таму поминал три години во затвор, по што, во 666 година, ја предал својата света душа во рацете Божји.
Преподобен Максим Исповедник останува вечен пример за верност кон Христос и вистината, сведок дека Православието не е само учење, туку живот што понекогаш бара и најголема жртва.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

