24 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Православната црква денес го одбележува споменот на Светиот свештеномаченик Василиј, епископ Амасиски – храбар архипастир и сведок на верата Христова, кој пострада за време на прогоните на христијаните во почетокот на IV век.
Во времето кога со Римската империја владеел светиот цар Константин, неговиот зет Ликиниј, оженет со царевата сестра, лицемерно се претставувал како христијанин. Но, откако добил власт над источните провинции, тој започнал најнапред тајно, а потоа и јавно да ги гони христијаните, настојувајќи повторно да го зацврсти идолопоклонството.
Неговата сопруга тагувала поради неговото отстапување од верата, но не успеала да го одврати од нечестието. Ликиниј, предавајќи се на страстите, особено на прељубата, посакал да ја оскверни девицата Глафира, која служела во дворот на царицата.
Загрозена од царевата похота, Глафира ѝ се пожалила на царицата. За да ја заштити, таа тајно ја испратила во Никомидија, во Понтиската област. На својот пат, Глафира пристигнала во градот Амасија, каде што била срдечно примена од епископот Василиј и од христијанската заедница.
Радосна што ја сочувала својата девственост и нашла засолниште меѓу верните, Глафира ѝ пишувала на царицата, известувајќи ја за својата состојба. Царицата, пак, од радост испраќала парична помош за изградба на храм во Амасија.
Но, едно од писмата на Глафира било пресретнато од царски евнух, кој му го предал на Ликиниј. Разгневен што дознал каде се наоѓа девицата, царот наредил да бидат доведени во Никомидија и таа и епископот Василиј.
Во меѓувреме, Глафира починала, а војниците врзан го довеле само епископот. По тешки маки и затвор, свети Василиј бил осуден на смрт и посечен со меч во 322 година. Неговото тело било фрлено во морето, со намера да се избрише споменот за него.
По Божјо укажување преку Ангел, клириците на свети Василиј го пронашле неговото тело со помош на рибарски мрежи. Со голема чест го пренеле во Амасија и го погребале во храмот што самиот го подигнал.
Неговото мачеништво останало како силно сведоштво за непоколебливата вера и пастирската жртва.
Во меѓувреме, царот Константин кренал војска против Ликиниј. По поразот, Ликиниј бил заробен и испратен во ропство во Галија, каде што го завршил својот богоотпаднички живот.
Со споменот на Светиот свештеномаченик Василиј, Црквата нè потсетува дека вистинската сила не е во земната власт, туку во верноста кон Бога, дури и по цена на сопствениот живот.
СДСМ: „Како нема ниту една камера за 5 тони дрога, а има камери за Груби?“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

