11 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Денес православната црква ја празнува спомената на Преподобната маченичка Анастасија Римјанка, светол лик на вера, трпение и пожртвуваност за Христос.
Анастасија била родена во Рим, во семејство на благородни и богати родители. Но, судбината ја оставила сирота уште на тригодишна возраст. Грижата за неа ја презел женски манастир во близина на Рим, каде што игуманија била благочестивата Софија, жена со длабока вера и духовна зрелост. Под нејзиното духовно раководство, Анастасија израснала во пример на побожност, смиреност и љубов кон Бога.
Со текот на времето, таа се истакнала меѓу христијаните како голема подвижничка, а меѓу незнабошците – како жена со ретка убавина.
Градоначалникот на Рим, Проб, слушнал за нејзината убавина и побожност, па испратил војници да ја доведат пред него. Игуманијата Софија ја советувала младата монахиња два часа, поттикнувајќи ја да остане цврста во верата, да не се поддава на ласкањата и да ги издржи сите маки заради Христос.
На тоа, Анастасија со голема решителност изјавила:
„Готово е срцето мое да пострада за Христа, готова е душата моја да умре за преслаткиот Исус.“
Пред кнезот, таа отворено ја исповедала својата вера во Господ Исус Христос. Иако Проб се обидел најпрво со ласкање, а потоа со закани да ја натера да се откаже, светата маченичка непоколебливо одговорила:
„Подготвена сум да умрам за Господа не еднаш, туку ако е можно и стопати.“
Разгневен од нејзината храброст, кнезот наредил да ја разголат и мачат. Анастасија храбро им викала на своите мачители:
„Бијте ме и сечете ме и растргнете ме и покријте го со рани моето тело и скријте го со крв мојот срам!“
Ја биеле и ја мачеле со страшни страдања, но таа останала непоколеблива во верата. Во текот на маките, почувствувала силна жед и побарала вода. Еден христијанин по име Кирил ѝ дал да пие, за што маченичката го благословила – но незнабошците веднаш го убиле.
Анастасија продолжила да трпи, иако ѝ ги отсекоа градите и јазикот. Во тие моменти, ѝ се јавил Ангел Божји, кој ја крепел и ѝ давал сила да ги издржи страдањата. Конечно, била обезглавена со меч надвор од градот.
Телото на светата маченичка го пронашла игуманијата Софија, која со голема љубов и почит го погребала чесното тело на својата духовна ќерка. Така, Анастасија се овенчала со маченички венец во времето на царот Декиј (средината на III век).
Преподобната маченичка Анастасија Римјанка е пример на совршена љубов кон Бога и непоколеблива вера. Нејзиниот живот нè учи дека вистинската убавина не е во телото, туку во душата, и дека верниот човек, и во најголемите маки, може да најде сила во Господ.
Нека нејзиниот светол пример нè поттикне сите да живееме со чиста совест, храбро да ја исповедаме верата и да се надеваме на вечната награда што ја добиваат сите што вистински го љубат Христа.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

