13 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
По одлуката на рускиот енергетски гигант „Лукоил“ да ги продаде своите имоти во странство, 550 вработени во македонската подружница се најдоа во состојба на сериозна неизвесност. Продажбата следува по воведените американски санкции кон руската нафтена индустрија, што дополнително го комплицира работењето на компанијата на меѓународните пазари.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, денеска истакна дека клучно е да се најде решение кое ќе овозможи „Лукоил Македонија“ да продолжи да функционира и да ги задржи работните места.
Според него, македонската подружница има реални можности да продолжи да увезува нафтени деривати од други земји, без да се потпира исклучиво на руски рафинерии.
„Имав средба со претставникот на Лукоил Македонија и тој ќе ги преземе сите мерки за тие луѓе да не останат без работа. Лукоил може и понатаму да работи и да обезбедува нафтени деривати. Досега, најголем дел обезбедувал од Бугарија, но може да обезбедува и од други земји, така што треба да му дадеме шанса да продолжи со работа“, изјави Бислимоски.
„Лукоил Македонија“ моментално управува со 40 бензински пумпи низ државата и поседува 10 складишни резервоари со капацитет од вкупно 8.320 кубни метри. Сепак, по најавата за продажба на странските активации на компанијата, иднината на овие објекти, како и на стотици вработени, останува неизвесна.
Во следниот период се очекува институциите и компанијата да продолжат со разговори за да се обезбеди стабилно снабдување со горива и заштита на работните места, додека трае процесот на трансформација на сопственичката структура.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

