македонија20 ноември 2023 Тетовската власт не сработила ништо па подгрева верски чувства, вели премиерот за крстот на Шапка
Премирот Димитар Ковачевски остро ја нападна опозицијата порачувајќи ѝ дека во изминатите години на локално ниво нема ништо поконретно реализирано и дека, како на тетовската власт и тамошниот градоначалник, им останува да подгреваат национални и верски чувства. Покрај ова, Ковачевски прашан за коментар за барањето на опозицискиот Европски сојуз за промени и на самиот градоначалник на Тетово МПЦ-ОА да го тргне манастирскиот крст од Попова Шапка, рече дека во Македонија секој има право да ја практикува својата вера.
„Имам три пораки. Првата порака е дека политиката треба да ги тргне рацете од верата, бидејќи ние сме секуларна држава и секој граѓанин има право да ја практикува верата која што е негова без разлика на која религија ѝ припаѓа и нашата држава е докажана како мултиетничка, мултирелигиозна држава во која што се почитуваат сите права. Второ, се потврди она што и јас го зборував во минатото дека во државата постојат политичари, пред се, тука мислам на опозицијата која што во моментот го води градот Тетово кој во немање на простор и немање проекти реално да покажат на граѓаните што имаат направено, а помина половина мандат на градоначалниците и тоа буквално така отиде бидејќи ништо не е направено во ниту една општина во однос на проектите што ги ветуваа. Единствено што им останува е да подгреваат национални, верски и други чувства на граѓаните. И затоа уште еднаш повторувам – политиката треба да ги тргне рацете од верата“, рече премиерот.
Според него, сите спорови што произлегуваат во однос на какви било градежни објекти без исклучок и без никаква субјективност, треба да бидат решавани во рамки на законот и во рамки на институциите, но притоа, со почитување на секуларноста на државата и потребата за верско изразување на сите граѓани, независно на која религија и припаѓаат.
„И трето, сметам дека на државата и треба носење одлуки во однос на интегрирање во ЕУ, бидејќи во спротивно ќе го гледаме она што го гледавме 11 години, а вие добро се сеќавате дека во тие 11 години не направиме ниту милиметар исчекор кон зачленувањето во НАТО и ЕУ. Единствено гледавме улични борби на Кале во кои едни подигнуваа конструкција за верски објект, а други го напаѓаа верскиот објект. Тоа на државата не ѝ треба. Нашите граѓани сакаат да живеат во држава членка на ЕУ, а не со пасоши на туѓи држави да одат и да живеат во туѓи држави во ЕУ“, истакна Ковачевски по посетата на ИКТ центарот за чување и заштита на податоци во Прилеп каде беше придружуван од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
>