02 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
СДСМ реагира на првичните резултати од новиот систем на сообраќајни камери поставени во Скопје, при што, како што се наведува, за само 12 часа биле детектирани над 1.000 нерегистрирани возила.
Од партијата велат дека ова е директен показател за падот на животниот стандард под раководство на актуелната власт предводена од премиерот Христијан Мицкоски и владечката ВМРО‑ДПМНЕ.
„Народот нема пари ниту за регистрација на автомобилите. Ова најдобро покажува колку е паднат стандардот на граѓаните. Граѓаните едвај преживуваат, а економијата продолжува да паѓа“, стои во соопштението.
Од СДСМ нагласуваат дека ситуацијата е алармантна дури и во главниот град, и се прашуваат колку е состојбата полоша во помалите градови и рурални средини низ државата.
Партијата ја критикува и физичката дистанца меѓу власта и граѓаните, алудирајќи на вратената заштитна ограда пред зградата на Влада на Република Северна Македонија.
„Добро е што камерите се поставени, сега Мицкоски од својот кабинет, позади вратената ограда, ќе може да види во каква катастрофална состојба се наоѓа земјата. Тој се огради од народот, па сега го гледа преку камери“, истакнуваат од СДСМ.
Во реакцијата се прави остар контраст меѓу начинот на живот на функционерите и секојдневните проблеми на обичните луѓе. Како пример се наведува користењето на скапи авионски карти во „бизнис класа“, како и „милионски тендери“ за кои се тврди дека служат за испумпување на народни пари.
„Додека се гоштеваат со папаја и манго, се возат со бизнис класи и вртат милионски тендери, граѓаните немаат за основни потреби – па ниту за регистрација на возилата“, велат од СДСМ.
Партијата потсетува и на потегот од 2017 година, кога тие ја отстраниле оградата пред владината зграда по, како што наведуваат, „рушењето на режимот на Никола Груевски“ и отвориле простор за директна комуникација со граѓаните.
Во соопштението се прави и политичка паралела меѓу актуелниот премиер и Никола Груевски, со оценка дека „враќањето на оградата е доказ дека тие се исти“.
„Ова е иста банда, и работата сè уште не е завршена“, се вели во острата завршница на реакцијата од СДСМ.
Партијата бара власта да ја погледне реалноста и да преземе одговорност за, како што велат, „економското тонење и сиромаштијата на народот“.
ЕУ подготвува нови санкции кон Белорусија поради „хибридни“ закани кон Литванија
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

