09 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Првичните резултати од интерната комисија на Министерството за здравство, која ги испитува сомнежите за непотребно изведени срцеви интервенции, укажуваат дека во 10 од 25 анализирани случаи имало неоснована операција или упатување на интервенција. Кардиологот Сашко Кедев, кој уште во август ја отвори темата во јавноста, вели дека овие наоди се само почеток и дека вистинскиот обем на неправилностите може да биде многу поголем.
Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, Кедев истакна дека е неопходно процесот да има јасна завршница и транспарентно да се соопштат имињата на инволвираните доктори и здравствени установи.
„Секако мислам дека треба да има завршница овој процес. Ако тоа не се случи, ќе се отворат големи сомнежи во јавноста,“ изјави Кедев, нагласувајќи дека Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување имаат обврска да го расчистат случајот.
Тој предупреди дека, и покрај јавните реакции и отворањето на истрагата, кај него сè уште доаѓаат пациенти со несоодветни или непотребни препораки – не само за интервенции, туку и за таканаречени превентивни прегледи кои не се во согласност со медицинските стандарди.
На прашањето дали треба да има одговорност за докторите кои постапувале спротивно на медицинските принципи, Кедев беше дециден:
„Дефинитивно, таму каде што ќе се утврди дека е направено нешто спротивно на принципите на медицина базирана на докази и спротивно на базичните етички стандарди, треба да има разврска.“
Иако не е дел од комисијата, Кедев потврди дека, според неговите сознанија, дел од инволвираните лекари и понатаму работат во здравствениот систем.
Кедев напомена дека ова не е нова појава во македонското здравство, но дека јавниот интерес и медиумското внимание конечно предизвикале институционална реакција.
„Под притисок на јавноста сега се тргна кон расчистување,“ додава тој.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

