02 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
На судскиот процес поврзан со трагедијата во дискотеката „Пулс“, главната расправа продолжи со воведни зборови од одбраната, откако сите обвинети претходно изјавија дека не се чувствуваат виновни за делата кои им се ставаат на товар.
Сопственикот на клубот, Дејан Јованов – Деко, со видно потресен глас и во солзи им се обрати на присутните во судницата. Тој истакна дека и по девет месеци поминати во притвор, сѐ уште не може да поверува што се случило кобната вечер.
„Се прашувам дали како родител би можел да дозволам нешто да недостига на место каде се собираат деца, а каде биле и моите деца“, изјави тој низ солзи, нагласувајќи дека секогаш се грижел за безбедноста на сите гости во клубот.
Јованов посочи дека дискотеката претставувала место каде израснале десетици генерации млади и дека сите знаеле со колкава посветеност се одржувале безбедносните стандарди.
„Ако знаев дека нешто недостасува, ќе преземев сѐ за да го отстранам навреме. Сите што го посетувале клубот знаат како се грижев за секој гостин“, додаде тој, уверувајќи дека никогаш не би дозволил пропуски во објект каде што доаѓале и неговите најблиски.
Во емотивното обраќање, сопственикот изрази и длабоко сочувство до семејствата на загинатите.
„Од срце и душа сакам да изразам сочувство на фамилиите кои загубија најблиски. На повредените им посакувам побрзо закрепнување. Знам каква болка е тоа — и нашата фамилија загуби член и има повреден, ја носиме истата тага како и вие“, изјави тој, нагласувајќи дека трагедијата не ја одминала ниту неговата куќа.
Јованов воедно изрази и револт поради обвинението на неговиот познаник, Михаил, за кој тврди дека немал никаква поврзаност со работата на клубот.
„Не ми е јасно зошто Михаил е обвинет. Тој немаше никакви обврски во клубот, немаше допирни точки со работата. Имаше своја фирма и си работеше на дистрибуција. Беше гостин како и сите други“, изјави Јованов, повторувајќи дека станува збор за лице кое било единствено клиент, а не дел од управувањето со дискотеката.
Трагедијата во ноќниот клуб остави длабока трага во македонското општество, а судската постапка продолжува со цел да се утврди одговорноста за настанот што ја потресе јавноста.
ЕУ подготвува нови санкции кон Белорусија поради „хибридни“ закани кон Литванија
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

