18 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на СДСМ и претседавач со Националниот совет за евроинтеграции, д-р Венко Филипче, изрази загриженост што Владата не ја покажува потребната динамика во спроведувањето на реформите кои се клучни за напредок во европските интеграции.
На работилницата „Придонесот на Собранието во ЕУ преговорите“, што се одржа во рамки на проектот „Поддршка на Европската интеграција на Северна Македонија“, Филипче нагласи дека единствената иднина на државата е во Европската Унија. Тој истакна дека Националниот совет треба да биде отворена платформа за размена на искуства, со цел Северна Македонија да учи од успешните примери, но и од грешките на земјите кои се веќе во понапредна фаза на интеграција.
„Треба да учиме од туѓи грешки и искуства и да покажеме визија каде сакаме да ја видиме нашата земја. Црна Гора и Албанија веќе се неколку чекори пред нас, затоа што посветено работеа во изминатите години“, порача Филипче.
Тој предупреди дека реформската агенда, особено во делот на законите од областа на правдата, доцни и не се реализира според потребното темпо. Сепак, како позитивен момент го посочи фактот што најголемите политички партии постигнале надпартиски консензус при критиката кон министерот за правда на последниот состанок.
Филипче нагласи дека токму Собранието треба да биде главната институција во која ќе се гради политичкиот консензус за уставните измени и отворањето на преговорите со ЕУ.
„Нема потреба да бараме алтернативни формати, бидејќи формалниот процес – гласањето и донесувањето одлуки – се одвива токму во Собранието“, изјави тој.
Работилницата, организирана од Канцеларијата на Обединетите нации за услуги на проекти (UNOPS), има за цел да ги засили капацитетите на Собранието во процесот на европските интеграции. Акцентот е ставен на зголемување на демократскиот надзор, градење политички и општествен консензус и подобрување на институционалната подготвеност на земјата за водење ефективни пристапни преговори со Европската Унија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден