12 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Академското здружение на Албанците за наука и уметност (SHASHSHA) остро реагираше на однесувањето на министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која – според нив – покажала недостаток на почит кон албанскиот јазик во јавната комуникација и настапите пред медиумите.
Во соопштението испратено до медиумите, од здружението се вели дека ваквото однесување ја нарушува духот на соживотот и испраќа погрешни пораки до младите генерации.
„Однесувањето на министерката Јаневска пред новинарите и јавноста, во врска со употребата на албанскиот јазик во јавниот живот, е показател за духовната состојба на луѓе кои треба да бидат пример за ученици, студенти и научни работници. На овој начин се повредува законското право на градоначалникот Касами за користење на албанскиот јазик. За жал, со вакви етнички нетолерантни постапки, на новите генерации им се испраќаат конфликтни и дискриминаторски сигнали“, се наведува во реакцијата.
Од SHASHSHA потсетуваат дека принципите на еднаквост имаат длабоки корени во историјата на демократските општества и дека таа еднаквост започнува од јазикот.
„Принципите на еднаквост потекнуваат од Големата буржоаска револуција во Франција од 1789 година, и оттогаш тие се темел на слободните општества. Јазикот не е само средство за комуникација, туку и идентитет, сеќавање и симбол на колективното достоинство“, се наведува во изјавата.
Иако албанскиот јазик има официјален статус, Академијата смета дека во пракса тој често останува само „формално прифатен“, но не и функционален.
„Внимателното разгледување на административната и јавната пракса покажува поинаква реалност – албанскиот јазик често останува формално решение, а не функционално. Многу правници и политичари зборуваат за спроведување на законот, но ретко прашуваат: како се спроведува? каде се спроведува? зошто не се спроведува подеднакво?“, се истакнува во соопштението.
Според здружението, оваа состојба е последица на „уставно-правната архитектура изградена со цел ограничување“, која и понатаму носи траги од националистичките политики од периодот на транзицијата.
SHASHSHA бара враќање на стандардите на јазична еднаквост гарантирани со Уставот од 1974 година.
„Членот 178 од Уставот од 1974 година им гарантираше на сите народности право на слободна употреба на својот јазик и развој на својата култура, заедно со соодветни институции. Тој член претставуваше концепт на реална еднаквост, не на ограничена или степенувана употреба. Барем тогаш, еднаквоста се применуваше и во работните организации, денес познати како бизниси – аспект што актуелниот устав не го обезбедува“, нагласува здружението.
Од таму додаваат дека прашањето за јазикот и однесувањето на министерката Јаневска не е само правен, туку и морален, политички и културен проблем.
„Ова е одраз на стара и неуспешна политичка мисла, која владејачката партија ја пренесува со години. Го охрабруваме албанскиот политички блок во Собранието да ја отвори темата за вистинска јазична еднаквост, а не само да го преформулира постојниот закон. Денес, само Албанците не треба и немаат причина да пишуваат двапати – еднаш на албански и еднаш на македонски. Тоа е тивка форма на дискриминација“, завршува реакцијата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

